Министерството за јавна администрација го одбележа Денот на јавните службеници и јавните служби со Конференција посветена на модерен јавен сектор и управување кон резултати

Министерството за јавна администрација ја одбележа важноста на јавната служба и јавните службеници преку организирање на свечена конференција по повод Денот на јавните службеници и јавната служба.
 
На настанот, свое обраќање имаше Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој ја истакна клучната улога на јавната служба како темел на секоја функционална, праведна и достоинствена држава.
 
„Јавната администрација не е бирократија – таа е крвотокот на државата. Јавниот службеник е лицето на државата – лицето на грижа, на правичност и на надеж“, порача Министерот Минчев во своето обраќање.
 
Министерот ја нагласи разликата во пристапот на новата Влада кон реформите во јавната администрација, подвлекувајќи дека во првиот месец од мандатот се повлечени и преработени клучни реформски закони, кои низ транспарентен и инклузивен процес се подготвени и усвоени од Владата.
 
Минчев испрати порака до јавните службеници - „Вие не сте сенка во системот – вие сте неговото светло. Ќе продолжиме да се бориме за систем во кој се вреднува трудот, а не партиската книшка. За јавна администрација која ќе биде столб на европска Македонија.“
 
Настанот беше збогатен со присуство и обраќања на високи претставници, меѓу кои: Претседателот на Владата на Република Македонија, Проф. д-р Христијан Мицкоски, Заменик-претседателот на Владата, г. Арбен Фетаи, како и заменик шефот на мисијата во Амбасадата на Обединетото Кралство, Н.Е. Даниел Фиелер.
 
Министерството за јавна администрација со овој настан го потврди својот стратешки фокус – да биде носител на реформите, двигател на модернизацијата и гарант за департизирана, транспарентна и професионална администрација.