Почитувани членови на медиумите,
почитувани граѓани,
Денес, по повод првата годишнина на Владата, ми претставува особена чест и задоволство да споделам со вас преглед на работата на Министерството за економија и труд во изминатите дванаесет месеци. Ова беше година на предизвици, но уште повеќе – година на труд, посветеност и вистинска ориентација кон граѓанинот. Нашите политики имаат една заедничка нишка: подобрување на квалитетот на живот, зајакнување на пазарот на труд и обезбедување на економски раст и стабилност.
Оперативниот план за вработување за 2025 година претставува стратешки документ и носечка алатка во борбата со невработеноста. За таа цел, обезбедивме рекорден буџет од 2,5 милијарди денари – или приближно 40 милиони евра. Овој план е насочен кон повеќе од 16.000 граѓани преку низа специфични мерки: самовработување, вработување преку правни субјекти, практична обука, развој на вештини и нови програми за тешко вработливи категории.
Со особено внимание ја истакнувам Мерка 1.1, која овозможува до 7.000 евра неповратна поддршка за лица над 29 години за започнување на сопствен бизнис. За младите до 29 години, предвидовме до 10.000 евра преку Мерка 1.2, а со Мерка 1А, лица кои се здружуваат за отворање бизнис добиваат поддршка до 20.000 евра. Преку Мерка 3.1 – обука кај познат работодавач – младите стекнуваат практични вештини директно на работно место, што го олеснува нивното долгорочно вработување.
Досега, преку четири јавни огласи, се поднесени 6.026 апликации. Тоа е повеќе од статистика – тоа е индикатор за доверба и решеност на граѓаните да создадат промени во сопствениот живот.
Новитет е и мерката "Јавни работи", со која 400 потешко вработливи лица се ангажирани за активности како пошумување и заштита од пожари, со месечен надомест од 24.000 денари. Обуките за ИТ, странски јазици и возачки категории Ц, ЦЕ и Д се дел од пошироката стратегија за зголемување на вештините и подготвеност за современиот пазар на труд.
Преку Мерка 2.1, поддржуваме микро, мали и средни претпријатија, со грантови од 160.000 до 250.000 денари по лице. Оваа поддршка е насочена кон компании кои вработуваат лица од приоритетни категории, вклучително жени, млади, лица со попреченост и Роми. Повикот е отворен до 4 јули, а апликациите се поднесуваат во Центрите за вработување.
Инфлаторните притисоци бараа одлучен одговор. Донесовме мерка за скалесто ограничување на маржите за 102 групи производи – над 1.000 артикли. Стапката на инфлација е намалена за 1.3%, а цените на храната за 3% во март 2025 година, а преку другите мерки кои ги дадоа своите резултати постигнавме намалување на цените и реална заштеда за семејствата.
Министерството за економија и труд и постојано ги следи податоците и извештаите на Народната банка и Министерството за финансии, како и сите надворешни фактори, вклучително и геополитичките случувања, како и движења на инфлацијата за да може да се реагира со соодветни економски механизми во рамки на надлежностите. Исто така во поглед на цените на основните прехранбени производи се прават анализи врз основа на податоци и извештаи на Државниот пазарен инспекторат, како и Државниот завод за статистика и се одвиваат консултации и во рамки на Владата, за да се процени дали и какви мерки би биле најсоодветни за евентуална заштита на граѓаните од ценовни шокови или нарушувања на трговските текови. Клучно е секоја одлука да биде заснована на податоци, проактивна и насочена кон стабилност, со фокус на ранливите категории и критичните сектори.
Законски ја покачивме минималната плата во март 2025 година – од 22 567 денари се зголеми на 24 379 денари нето, што претставува покачување од околу 8 % и секако директна поддршка за десетици илјади работници во земјата
Понатаму, во рамки на економскиот развој, горд сум што успеавме да издадеме лиценца за компанијата „KIEL“ за отворање нов производствен капацитет во индустриската зона во Тетово. Ова не е само инвестициски проект, туку и стратешка потврда на довербата во правниот и бизнис-климатскиот амбиент на земјата. Во тек се четири нови инвестиции во оваа зона со цел создавање нови работни места, ќе ја стимулира локалната економија и ќе ја зголеми регионалната конкурентност.“
Со донесување на Законот за работно ангажирање, обезбедивме флексибилност и заштита. Законот дозволува сезонско и повремено вработување во земјоделството, угостителството и домаќинствата, со што работниците добиваат социјално и пензиско осигурување, а работодавачите можат легално да ангажираат различни категории граѓани.
Измените на Законот за заштита на потрошувачите воведоа обврска за маркетите да ги објавуваат цените на своите веб-страници. Ова значи поголема транспарентност, подобрена конкуренција и поголема информираност на граѓаните. Ценовниците мора да содржат јасни информации за секој производ – цена со ДДВ, попусти, период на важност и достапност. Во следниот период во соработка со владата ќе се изработи и апликација која преку алгоритам ќе ги споредува цените и на граѓаните ќе им покажува кој продукт е најевтин во нивната близина.
Почитувани,
Буџет од 45 милиони денари е распределен за јавни повици кои ќе го поддржат занаетчиството, дигитализацијата, конкурентноста на индустријата, стандардизацијата (ХАЛАЛ, ИСО), акредитација на лаборатории, и невладините организации кои ги штитат потрошувачите.
Во завршна фаза е изработката на официјална потрошувачка кошничка за четиричлено семејство. Кошницата ќе служи како основа за дефинирање на реални социјални и економски мерки, без простор за манипулации.
Дефинирани се и измените на Законот за угостителска дејност, испратени се до другите наделжни институции на понатамошно разгледување со цела да се воведат построги критериуми за добивање лиценци, зголемени контроли и јасно утврдени одговорности за сите чинители. Ова е одговор на трагичниот настан во диско клубот „Пулс“, но и превентивна мерка за безбедност на сите граѓани.
Во рамки на реформската агенда на ЕУ ги менуваме правилата за избор на надзорни органи во трговските друштва, од 28 парафискални давачки, 25 се веќе оптимизирани . И покрај недоволниот број на инспектори ги зајакнуваме инспекциски служби – Трудов инспекторат бележи зголемување на бројот на контроли за 20%, додека Пазарниот за 15%.
Почитувани присутни,
Сите овие мерки се резултат на тимска работа, но и на дијалог со граѓаните, бизнис секторот, синдикатите и институциите. Министерството за економија и труд останува отворено за соработка, и определено за политики што ќе донесат вистински резултати. Ќе продолжиме со ист фокус, ист ангажман и исто темпо – затоа што нашата задача е јасна: да градиме стабилна, правична и одржлива економија.
Ви благодарам.