Фетаи: Наследивме целосно корумпиран систем, но почнавме да градиме нов модел на владеење, кој се темили на чесност, професионализам и транспарентност

Почитувани претставници на медиумите,

Драги граѓани,

По повод првата годишнина од оваа Влада, сме тука пред вас за со искреност и смиреност да рефлектираме за исклучителните предизвици со кои се соочивме, да ги споделиме со вас постигнувањата кои заслужуваат да се прослават, но и да понесеме одговорност – бидејќи тоа е новата етика на Владата: Влада која одговара пред граѓаните и се мери според обврските што ги презела пред вас.

Оваа прва година беше тешка – но беше година на надеж. Зашто не почнавме од нула, туку од минус.

Наследивме разурнат, злоупотребуван и корумпиран систем. Но врз тие урнатини започнавме да градиме нов модел на владеење – со темели на чесност, професионализам и транспарентност.

Што затекнавме кога почнавме?

• Финансиско крварење, со над 70% од буџетот потрошени во првите пет месеци од годината.

• Структуриран криминал и корупција во секоја институција, во секој сектор. Стотици милиони евра од парите на граѓаните беа злоупотребени – и за тоа, одговорните веќе почнуваат да сносат одговорност.

• Стратегии и планови одобрени, но останати во фиоки – мртви на хартија.

• Правосуден систем заробен од параполитиката и олигархијата – систем што работеше против јавниот интерес, против граѓанинот.

Што направивме за да ја смениме оваа бедна состојба?

Ние не ветивме чуда – ветивме чесност, посветеност и вистинска промена. И почнавме од срцевината на проблемот: недостаток на политичка волја за борба против корупцијата и за изградба на одговорно владеење.

Во соработка со нашите меѓународни партнери – IRI, NDI, UNOPS, USAID, на кои искрено им се заблагодарувам за континуираната поддршка – го изготвивме Годишниот план за добро владеење за 2025 година, достапен за секого на веб-страницата на Владата. Овој план се темели врз четири основни столба:

1. Превенција и борба против корупцијата

2. Зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на незаконски стекнат имот

3. Транспарентност и пристап до информации за граѓаните

4. Стратешки дијалог со граѓанското општество

Драги граѓани,

Денес пред вас сакам да зборувам за неколку конкретни дела и клучни достигнувања на мојот кабинет во оваа прва година.

Во оваа година, направивме конкретни чекори за враќање на довербата и за изградба на држава која им служи на граѓаните.

1. Борба против корупцијата

Го формиравме Меѓуресорското тело за координација на борбата против корупцијата, во кое за првпат право на глас добија и граѓанските организации – затоа што борбата против корупцијата не е само институционална, туку и општествена.

Ова тело веќе ја усвои методологијата за интегрирање антикорупциски мерки во преговорите со ЕУ и моментално се реформира за да стане поефикасно. Исто така, ги зајакнуваме механизмите за надзор и политички поттик на борбата против корупцијата.

2. Повторно градење доверба со граѓанското општество

Претходната влада целосно ја прекина комуникацијата со граѓанскиот сектор. Советот за соработка со граѓанското општество престана да функционира во 2022 година. Тоа беа две изгубени години без дијалог меѓу државата и граѓанското општество.

Ние го оживеавме Советот за соработка со граѓанското општество, одржавме три состаноци и ја подготвивме новата Стратегија за соработка, која наскоро ќе биде усвоена од Владата. Повторно воспоставивме структуриран, отворен и конструктивен дијалог со граѓанското општество, кое е коректив и набљудувач на владината работа, кое нуди услуги на граѓаните и им дава глас на оние кои не се слушаат. Тоа е доказ дека ние не се плашиме од критика – напротив, ја поздравуваме.

3. Финансиски истраги и конфискација на незаконски стекнат имот

Како што знаеме, нашите меѓународни партнери, особено Европската Унија, секоја година бараат конкретни резултати во борбата против криминалот и корупцијата – правосилни пресуди во случаи на висока корупција и конфискација на нелегално стекнати средства. Под претходното владеење, не се памети случај каде „моќници“ биле правосилно осудени за корупција. Трендот на конфискација, наместо да расте, континуирано опаѓаше, сè до нула.

Тоа ќе се промени. Ја усвоивме Стратегијата за финансиски истраги и конфискација на имот 2025–2028. Основаме Национален совет, кој ќе го водам јас, за оваа стратегија да се претвори во конкретно дејствување. Имотот на криминалот ќе оди во буџетот на државата – за граѓаните, за социјален развој, а не во џебовите на корумпираните.

4. Подобрување на транспарентноста

Постоечката државна стратегија за транспарентност беше речиси целосно неспроведена во практика. Побарав проценка на нејзината примена за време на претходната влада и утврдивме дека спроведувањето било едноцифрено во проценти. Затоа поднесовме во владина процедура информација со конкретни мерки за итно дејствување од страна на институциите, со цел подобрување на транспарентноста. Истовремено, размислуваме и за нова, поконкретна и пореална стратегија која ќе одговара на потребите на граѓаните и медиумите.

5. Спречување злоупотреби со државен имот

Еден од моите главни приоритети е спречувањето на злоупотребите со државниот имот. Моментално работиме на креирање на првиот Регистар на државен недвижен имот – историски чекор заснован на најдобрите европски практики, особено хрватскиот модел. Во овој момент, јавните институции пополнуваат онлајн формулар со податоци за имотите кои ги поседуваат или користат. Во буџетот на Министерството за дигитална трансформација се издвоени средства за набавка на софтвер за овој регистар, кој наскоро ќе стане реалност.

Во иста насока, во соработка со Службата за општи и заеднички работи, Министерството за внатрешни работи и Министерството за економија, работиме на создавање на Регистар на службени возила. Пред септември, сите службени возила ќе бидат обележани со посебни регистарски таблички во боја, со што ќе се стави крај на нивната злоупотреба за неслужбени цели.

И на крај, но не помалку важно – иако не е директно дел од мојот ресор – иницијатива со која се гордеам како носител на процесот е усвојувањето на Предлог-законот за правична и соодветна застапеност од страна на Владата.

Овој предлог-закон има за цел да обезбеди еднаква и пропорционална вклученост на сите заедници во државните органи и јавните институции, како основна уставна вредност произлезена од Охридскиот рамковен договор. Со овој закон исполнуваме едно одамна дадено ветување – 24 години старо – за правична застапеност, што претставува историски чекор кон зајакнување на довербата во јавните институции и унапредување на единството меѓу различните заедници во нашата земја.

Драги граѓани,

Овие постигнувања се само почеток. Пред нас има уште многу работа, но веќе имаме јасен правец.

Во подготовка се две големи регионални настани кои ќе ја стават Северна Македонија на европската мапа кога станува збор за доброто владеење и борбата против криминалот и корупцијата:

• Во ноември, за првпат во регионот, ќе ја организираме Регионалната конференција за координација во областа на безбедноста, во соработка со Советот за регионална соработка и Владата на Италија.

• Во декември, по повод Меѓународниот ден против корупцијата, ќе ја одржиме Регионалната конференција за борба против корупцијата. Целта ми е оваа конференција да стане традиционална и Северна Македонија да се позиционира како регионален лидер на ова поле.

Драги граѓани,

Ние сме различни од оние пред нас, затоа што не ја гледаме власта како привилегија, туку како одговорност. Тие владееја за себе. Ние владееме за вас.

Денес не бараме трпение – бараме доверба. Не во зборови, туку во дела. Не во празни ветувања, туку во мерливи резултати.

Заедно градиме држава која не ве разочарува, влада која не ве краде и администрација која не ве игнорира. Градиме држава во која секој граѓанин се чувствува претставен, слушнат и почитуван.