Министерот за јавна администрација на Република Македонија, Горан Минчев, денеска и посака топло добредојде на претседавачката со Советот на министри на Босна и Херцеговина, г-ѓа Борјана Кришто, која престојува во официјална посета на нашата земја во пресрет на лидерскиот самит на ЕУ и Западен Балкан посветен на имплементацијата на Планот за раст.
Минчев ја поздрави посетата на Претседавачката Кришто како силен сигнал за регионалната соработка и посветеноста на сите земји од Западен Балкан кон европската перспектива.
Тој истакна дека овој самит претставува историска можност за нашите држави да го засилат темпото на реформи, со цел побрзо и поефикасно приближување кон Европската унија.
Претседателот на Владата на Република Македонија, проф. др. Христијан Мицкоски е домаќин на лидерска средба меѓу Европската унија и земјите од Западен Балкан, која се одржува во Скопје, на 30 јуни и 1 јули 2025 година каде ќе се разговара за спроведувањето на Планот за раст на ЕУ.
На самитот ќе присуствуваат еврокомесарката за проширување Марта Кос, како и премиерите на шесте држави од регионот: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Црна Гора и Република Македонија.
Планот за раст на ЕУ има за цел да овозможи побрз економски и институционален напредок за земјите од Западен Балкан, преку конкретни реформи и зголемена поддршка од Европската унија.
Средбата во Скопје ќе биде клучна можност за евалуација на постигнатиот напредок и дефинирање на следните чекори за зајакнување на европската интеграција на регионот.