Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос пожарите кои се случуваа и каква е спремноста на Македонија годинава да се справи со нив, изјави:
„Секаде на Балканот на лето се случува сезона на пожари, но за разлика од претходните години, оваа година сме многу, многу поподготвени. Пред сѐ, тука мислам на армиските и полициските хеликоптери. Авионите на Дирекцијата за заштита и спасување, два се тука, го чекаме третиот да пристигне, популарно наречените Ер трактори. Но она коешто ќе биде новитет е тоа што дел од застарената и магационирана опрема, како што се БТР 70-80, старите Хермелини, Пинцгауер и слично, коишто беа во магацините на Министерството за одбрана и внатрешни работи, се модернизираа, обработија, им се инсталираа посебни резервоари за вода, се купија пумпи коишто работат на висок притисок и можат да пристапуваат на непристапни терени. Тоа што многу ни беше важно, навечер кога огнот, како што велат, спие стручно, да може да му пристапиме и да го угасиме за да не се распламти преку денот. Се подготвуваат и многу скоро, денеска ќе бидете сведоци на една таква показна вежба, како од ништо, направивме нешто. Очекувам 50-60 вакви возила да бидат подготвени, со различно инсталиран волумен на вода, до 6 метри кубни, 6 тона практично. Така што, очекувам подготвени да ги пречекаме пожарите и мислам дека драматично сме многу поподготвени од претходните години.“
Премиерот Мицкоски, во однос на тоа колку чинела оваа пренамена на возилата, додаде:
„Многу малку, многу малку и тоа е пред сѐ работа којашто е завршена на волонтаристичка база и со општествено одговорни компании, Буџетот не го чини воопшто.“