Министерството за економија и труд, во координација со Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, предложи ревизија на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година. Со предложените измени значително се прошируваат опфатот и буџетот на повеќе клучни мерки, овозможувајќи посилна поддршка за граѓаните и стопанството.
Предлогот е резултат на зголемениот интерес од невработените лица и работодавачите за постојните мерки, како и на дополнителни 161 милион денари обезбедени преку ребалансот на Буџетот, со што вкупното зголемување на средствата достигнува 461 милион денари.
Со ревидираниот план се предвидува:
-Зголемување на вкупниот опфат на корисници од 1.730 на 2.545 лица;
-Зголемување на буџетот од 989.274.441 денари на 1.449.950.241 денари.
Клучни измени по мерки:
-Поддршка за самовработување (претприемништво) – за лица над 29 години, опфатот се зголемува од 610 на 715 лица;
-За лица до 29 години, опфатот расте од 720 на 950 лица;
-За здружување во ДОО, бројот на поддржани лица се зголемува од 400 на 880.
Овие измени се јасен доказ за заложбата на Министерството за економија и труд за флексибилно, ефикасно и одговорно управување со политиките за вработување, со прилагодување кон реалните барања и динамиката на пазарот на трудот.
Предлогот за ревидиран Оперативен план ќе биде ставен на разгледување и усвојување на следната седница на Владата на Република Северна Македонија.