Во рамки на работната посета на Даблин, министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, оствари средба со членовите на Заедничкиот комитет на двата дома на ирскиот парламент за прашања поврзани со Европската Унија , кој е еден од најангажираните парламентарни форуми во Ирска кога станува збор за следење и обликување на европските политики.
На средбата присуствуваа заменик-претседателот на Комитетот, сенаторот Ајдан Давит, претседателот на Комитетот за надворешни работи и член на Комитетот за прашања на ЕУ, Џон Лахарт, како и пратеничката Пола Батерли и сенаторката Фиона О’Лафлин, исто така членки на Комитетот.
Преку отворена и динамична дискусија со ирските парламентарци, министерот Муртезани информираше за прашања поврзани со тековната имплементација на Реформската агенда 2024-2027 на Северна Македонија и активностите поврзани со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, презентирајќи ги воедно и заклучоците од Самитот кој пред двa дена се одржа во Скопје, токму на таа тема. Министерот и парламентарците разговараа и за динамиката на реализација на обврските поврзани со Планот за раст, со цел унапредување на економското усогласување и институционалната подготвеност на земјата.
Тој нагласи дека Северна Македонија е активно вклучена во регионалните процеси, постигнувајќи конкретни резултати во исполнување на условите за ослободување на средствата и дека веќе е дел од европскиот механизам за владеење на правото. Исто така, Муртезани ги информираше пратениците за тековниот напредок на Северна Македонија во рамки на евроинтегативниот процес, во делот на исполнувањето на одредниците од Кластерот 1, Фундаментални вредности. Тој посочи дека Владата е целосно посветена на продлабочување на реформите во владеењето на правото, ефикасноста на јавната администрација и зајакнувањето на демократските институции, во тесна соработка со Европската комисија.
МЕП Муртезани имаше конструктивна размена на мислења со членовите на Комитетот на теми поврзани со економската интеграција на Северна Македонија, отпорноста на институциите и подготовката на земјите-кандидатки за членство. Посебен интерес беше изразен за механизмите преку кои Северна Македонија ја унапредува транспарентноста, владеењето на правото и ефективната употреба на ИПА фондовите. Од двете страни беше споделена подготвеност за продлабочување на парламентарната соработка, вклучително и преку поактивно функционирање на Пратеничките групи за пријателство и меѓусебни посети на парламентарни делегации.
Министерот се заблагодари до членовите на Комитетот, којшто континуирано ја афирмира својата поддршка за политиката на проширување на Европската Унија, вклучително и за европската перспектива на Северна Македонија и останатите земји од Западен Балкан и споделија заедничко гледиште дека интеграцијата на регионот е прашање од стратешко и безбедносно значење за Унијата. На средбата, едногласно беше оценето дека е потребна потесна заемна соработка меѓу двете земји, како и креирање на политичка динамика што ќе обезбеди предвидлив и заслужен напредок на земјата, особено во контекст на претстојното ирско претседавање со Советот на ЕУ.