Почитувани присутни, драги гости,
За една година, со напорна работа, со визија и со домаќински пристап, ја враќаме државата на нозе – дел по дел, институција по институција, систем по систем. Еден од тие столбови што го гради новото време, што ги поставува темелите на промените, е токму Царинската управа.
Податоците сами по себе многу говорат.
Во текот на изминатата година, наплатени се приходи, како што кажа и директорот во висина од над две милијарди евра, а тоа се 105 милиони евра повеќе отколку во истиот период претходно. Тоа не е случајно. Тоа е резултат на принципиелна работа, на раководење без калкулации, на борба со сивата економија и корупцијата, и на јасна политичка определба – парите да одат кај граѓаните, а не во нечии џебови.
Затоа, денес растат приходите од царина како што кажа и директорот за 15,2 проценти, од акцизата растат за 7,1 процент итн.
Знаеме што значат овие бројки – тоа значи повеќе за пензии, за плати, за болници, училишта, патишта и за иднината на нашите деца. Тие пари до вчера завршуваа во сивата економија. Денес се враќаат кај народот.
Но се отвори и борба против сивата економија и криминалот, а за тоа говорат и бројките кои се споменаа дека до Основното јавно обвинителство и до Обвинителството за организиран криминал, поднесени се 181 кривична пријава. Тоа е речиси четири и пол пати повеќе во однос на годината претходно. Тоа е сигнал дека институциите конечно работат. Не затвораат очи, туку дејствуваат.
Ова не се само бројки. Ова е доказ дека Македонија се буди, дека системот конечно проработува. Ова е потврда дека ги градиме темелите на промените.
Особена благодарност упатувам до директорот на Царинската управа, господинот Бобан Николовски, и до целокупниот тим кој ја води оваа институција со знаење, одговорност и непоколеблива решителност да се спротивстави на секоја неправда, на секоја злоупотреба и на секој што се обидува да работи спротивно на законот.
Истовремено дозволете ми да се заблагодарам на сите членови на Владата коишто ја подржуваат работата на оваа институција, бидејќи оваа институција е од клучно значење за државата.
Граѓаните го препознаваат новиот пристап. Знаат дека не ветуваме чуда, туку работиме секој ден – од рано наутро до доцна навечер – за да изградиме систем кој не зависи од партиски книшки, туку од правда, отчетност и еднаквост.
Секако, знам дека многу работи допрва нè чекаат. Свесен сум за тешкотиите што ги носи секојдневието. Но исто така сум убеден дека времето на Македонија доаѓа. И тоа време ќе го создадеме со чесна и посветена работа. Не со лаги, не со криминални договори, туку со дела и резултати.
Овој извештај на Царинската управа е токму тоа, доказ за промена.
Денес, не правиме само отчет. Денес, праќаме порака: Македонија знае да се справи со предизвиците.
Знае да се бори. И знае да победи.
Време на одговорност, правда и напредок.
Време кога институциите не служат на поединци, туку на народот.
И нема да застанеме.
Ниту еден ден нема да биде изгубен.
Секој ден ќе биде нов чекор кон новата иднина која ја градиме – чесна, силна и просперитетна држава.
Ви благодарам и нека се множат успесите на Царинската управа.