Министерството за јавна администрација денес свечено го отвори целосно реновираниот Центар за обуки на административните службеници, лоциран во Општина Аеродром - Скопје.
Центарот е опремен со нов, модерен канцелариски мебел и најсовремена техничка опрема за спроведување на едукативни активности, со што се создаваат квалитетни и професионални услови за развој и усовршување на јавната администрација.
На свеченоста се обрати Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој во своето обраќање ја нагласи важноста на вложувањето во човечкиот капитал како двигател на реформите:
„Обуката не е обврска, туку инвестиција во луѓето што се темел на институциите,“ рече министерот, истакнувајќи дека новиот Центар е повеќе од простор – тој е ресурс за градење на ефикасна, мотивирана и граѓански ориентирана администрација.
Минчев додаде: „Сакаме службеници кои не само што имаат знаење, туку имаат и мотивација да го применат тоа знаење во служба на општеството.“
Оваа заложба, како што потенцираше, е дел од суштинската трансформација што ја спроведува Министерството, а не само козметичка промена.
Центарот претставува клучен сегмент од стратешките напори на Министерството за јавна администрација за целосно реформирање на системот за обуки на административните службеници. Покрај обновениот и модерно опремен простор, Министерството активно работи и на унапредување на електронската платформа за управување со обуки (LMS), која ќе овозможи лесен, дигитален и флексибилен пристап до материјали за учење и професионален развој, без оглед на локацијата на корисниците.
Овој чекор следи по неодамнешното усвојување на новиот Закон за стручно усовршување и едукација на административните службеници, со кој значително се зајакнува институционалната улога на Министерството во создавањето на стабилен, одржлив и модерен систем за обука и развој на кадарот во јавната администрација.
На настанот присуствуваа заменик-министерот за јавна администрација, Лазе Јаќимоски, државниот секретар, Ѓорѓи Влајнкиноски, како и градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
Во следниот период, Министерството најави реконструкција и на останатите Центри за обука низ државата, со цел воспоставување на национален систем за стручно усовршување, достапен за сите административни службеници низ целата територија.