Ги отфрламе изнесените невистини и обиди за манипулација од страна на СДСМ и Левица, јавна набавка за изнајмување и ракување со опрема за симултан превод и аудио и видео поддршка на настани, се спроведувала години наназад

Во врска со најновите инсинуации и конструктивни лаги пласирани во јавниот простор од страна на СДСМ и Левица, Владата со најсилна индигнација ги отфрла изнесените невистини и обиди за манипулација на граѓаните. 

Ова претставува уште еден доказ за безидејноста и политичката немоќ на овие партии кои наместо да понудат решенија за реалните проблеми на народот, се занимаваат со фабрикување лажни афери и деструктивни наративи. 

Дополнително, фактот што политичките партии СДСМ и Левица синхронизирано коалициски манипулираат докажува дека сакаат да направат сензација од тема која е ништо повеќе од тековно работење на Владата.

А фактите се јасни, проверливи и непобитни. Станува збор за јавна набавка која со години наназад се спроведува, разликата е што денес се спроведува во согласност со законските процедури и принципите на јавна транспарентност. 

Набавката е склучена за изнајмување и ракување со опрема за симултан превод и аудио и видео поддршка на настани во внатрешен и надворешен простор на временски период од две години, што значи дека исплатата ќе се врши исклучиво врз основа на реализацијата, а не однапред фиксирана сума. 

За споредба, во 2023 година Владата на СДСМ и ДУИ склучила договор на ист временски период во вредност од 30.000.000 денари без ДДВ, и тоа без рамковна спогодба, со што обврската кон буџетот била однапред целосно преземена.

Ова се факти кои го разобличуваат лицемерието и двојните стандарди на оние кои денес се обидуваат да креираат афера таму каде што ја нема.

Јавноста треба да знае дека денес транспарентноста и отчетноста се единственото начело на работа на Владата. 

Нема повеќе тајни зделки, тендери зад затворени врати и договори „во четири очи“, што беа белег на владеењето на СДСМ и ДУИ. 

Денес сè е ставено на увид на граѓаните и на институциите.

Како Влада нема да дозволиме дезинформациите и политичките конструкции да ја засенат вистината. 

Нашата обврска е пред граѓаните за чесна, транспарентна и одговорна власт која не се крие зад манипулации, туку се соочува со реалноста и нуди решенија.