Дурмиши: Преку мерката за зелени инвестиции отворени се 400 работни места во приватниот сектор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Сељатин Бељули, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, денеска го посети ресторанот „Ксантика“, кој е еден од успешните примери на зелени инвестиции и создавање нови работни места.
За време на посетата министерот истакна дека преку Мерката 8 – „Создавање нови работни места преку зелени инвестиции“, досега се отворени речиси 400 нови работни места во приватниот сектор.
„Досега 228 компании инвестираа во зелени решенија – фотонапонски панели, енергетска ефикасност и модерна опрема. Компаниите вложија над 200 милиони денари сопствени средства, што е повеќе од државната поддршка. Тоа покажува дека политиката на Владата не е само субвенција, туку катализатор за приватен капитал и за зелена економија,“ рече министерот Дурмиши.
Голем дел од компаниите инвестираа во фотонапонски панели за производство на електрична енергија, додека други се насочија кон мерки за енергетска ефикасност (термална изолација, топлински пумпи, енергетски ефикасни машини и опрема). 
-Креирањето на нови работни места и нивно пополнување со соодветен и квалитетен кадар е една од приоритетните заложби на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. Следејќи ги светските трендови за транзиција кон зелена економија, Агенцијата заедно со партнерите, и понатаму ќе продолжи да спроведува мерки преку кои се стимулира отворање нови работни места, особено во претпријатија кои во своите процеси воведуваат зелени производи, услуги и технологии – истакна Сељатин Бељули, директор на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.

Иако инвестициите во циркуларна економија сè уште се ограничени, охрабрувачки е што расте препознавањето на економските и еколошките придобивки од овие практики.
-Заедно со владините партнери веќе неколку години, Програмата за развој на Обединетите нации ја реализира мерката за поддршка на приватниот сектор преку зелени инвестиција. Големиот интерес кај апликантите е доказ повеќе дека и домашните мали и средни фирми се свесни за важноста за воведување зелени инвестиции во работните процеси и отворање нови работни места кои ќе придонесат за поефикасна и побрза зелена транзиција. УНДП останува посветен на заложбата за поддршка на приватниот сектор преку овозможување различни механизми за бизнис раст, потенцираше Армен Григорјан, Постојан претставник на УНДП во државата. 
Финансиската поддршка за едно ново работно место се зголеми од 205 илјади денари во 2022 година на 250 илјади денари во 2024 година, а вкупниот буџет за мерката достигна 93 милиони денари (околу 1,5 милион евра).

За 2025 година целта е да се поддржат најмалку 200 нови работни места во максимум 200 компании, со можност за поддршка до 750 илјади денари по компанија. Дополнително, ќе бидат понудени обуки и советодавни услуги за енергетска ефикасност за малите и средни претпријатија.
Министерот Дурмиши нагласи дека Владата ќе продолжи со политики кои отвораат нови можности за работниците и го поттикнуваат приватниот сектор, градејќи економија што чекори напред кон одржлив развој и зелена иднина.