Тематски состанок на Владата со високи претставници на Партнерството за отворена власт: Владата на Република Македонија како пример за отворена влада

Денес во Владата на Република Македонија се одржа тематски состанок со високи претставници на меѓународната иницијатива Партнерство за отворена власт (ПОВ), со кој претседаваше Министерот за јавна администрација, Горан Минчев. Министерството за јавна администрација е координатор на ПОВ и има клучна улога во процесот на ко-креирање и имплементација на националните акциски планови за отворена власт.
 
На состанокот се обрати Претседателот на Владата на Република Македонија, проф. д-р Христијан Мицкоски и извршниот директор на ПОВ, Аидан Ејакуза, како и повеќето министри.
 
Министерот Минчев, кој го предводеше состанокот, во своето излагање истакна:
 
„Министерството за јавна администрација, како координатор на процесот за Партнерство за отворена власт, безрезервно работи на вредности кои ја обликуваат визијата за отворена влада и кои се темел на довербата помеѓу институциите и граѓаните. Во изминатите тринаесет години преку шест национални акциски планови вложувавме во транспарентност, отчетност и зајакнување на гласот на граѓаните. Тоа резултираше со потранспарентна и поодговорна влада, поефикасно управување со јавните ресурси и иновативни дигитални решенија што го подобруваат квалитетот на животот.“
 
Тој посочи дека во моментов се спроведува шестиот Национален акциски план за ПОВ (2024–2026), кој носи нови трансформативни решенија – од објавување на вистинските сопственици на компании што склучуваат договори со државата, до подобрување на пристапот до информации, транспарентност во концесии и јавно-приватни партнерства, унапредување на јавните консултации, редовно известување за родова еднаквост и приближување на парламентот до граѓаните преку мобилни настани и директна комуникација. Националниот акциски план е подготвен преку широк консултативен процес со над сто претставници од институциите и граѓанското општество, што е доказ дека ко-креацијата и инклузивноста се вистинска практика, а не само декларација.
 
„Следната година ќе започне нов циклус – седмиот Национален акциски план (2026–2028). Тоа е можност да поставиме уште поамбициозни цели и да ја зацврстиме позицијата на Република Македонија како регионален лидер во областа на отворената власт“ - додаде Минчев.
 
Тој најави дека земјата ќе ја презентира својата визија и на претстојниот Глобален самит за ПОВ во Шпанија оваа есен, а во 2026 година ќе биде домаќин на регионалниот состанок на Западен Балкан.
 
„Партнерството за отворена власт е повеќе од меѓународна иницијатива – тоа е платформа за рамноправност, доверба и соработка меѓу институциите и граѓаните. Успехот на ПОВ е резултат и на активната улога на невладиниот сектор, кој е наш коректив, партнер и двигател на нови идеи“ - заклучи Минчев.
 
Со овој состанок Владата ја потврди својата определба да продолжи со реформите за изградба на модерна, европска и отворена Република Македонија.