Мицкоски: Културата е темелот врз кој се гради една нацијa

„Отворањето на новата поставка во Националниот археолошки музеј не е само културен чин, туку и силна порака дека Македонија ја цени својата историја и ја претвора во светло што ја води иднината.“, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Република Северна Македонија.

 

Премиерот Мицкоски посочи дека повеќе нема застој и запоставување на нашиот идентитет, потенцирајќи дека задача и цел на оваа Влада е да ја отвори Македонија пред светот, да ѝ овозможиме на јавноста, на туристите, на младите генерации да ја почувствуваат големината на културното наследство со кое располагаме.

 

„По речиси седум години мораториум на претходната влада врз ваков значаен сегмент од нашата култура, денес испраќаме порака дека нема веќе застој, нема запоставување на она што е темел на нашиот идентитет. Нашата задача е да ја отвориме Македонија пред светот, да ѝ овозможиме на јавноста, на туристите, на младите генерации да ја почувствуваат големината на културното наследство со кое располагаме.“, нагласи тој и додаде:

 

„Археологијата не е само минато- тоа е живо сведоштво за развојот, креативноста и упорноста на нашите предци. Со оваа нова поставка, како што посочија веќе од Националниот археолошки музеј, нашето културно наследство ќе биде прикажано на уште подостапен, интерактивен и инспиративен начин. Тоа е инвестиција во знаење, во културна самосвест и во национална гордост.

 

Македонија има што да покаже и што да понуди. Од најстарите артефакти на овие простори, преку исклучителните археолошки откритија што ги претставуваат големите цивилизации што поминале овде, па сè до богатствата што ја дефинираат нашата уникатна улога во европската и светската културна историја.“

 

Мицкоски изрази благодарност за сите кои што работеа на оваа поставка, додавајќи дека културата е темелот врз кој се гради една нација.

 

„Оваа нова поставка е повеќе од музејски експонат- таа е прозорец кон светот. Со неа ја унапредуваме промоцијата на нашата култура, ја јакнеме туристичката понуда и ја потврдуваме позицијата на Македонија како држава со длабоки корени и со јасна визија за иднината. Дозволете ми да изразам благодарност до сите што работеа на оваа поставка – од археолозите, историчарите, кураторите, до целокупниот тим кој вложи труд, знаење и страст. Вие сте мостот помеѓу минатото и иднината.“, потенцираше тој.

 

„Културата е темелот врз кој се гради една нација. Ние сме тука да гарантираме дека тој темел ќе биде силен, видлив и достапен за секој граѓанин и за секој посетител кој ќе дојде да ја открие убавината на Македонија.

 

Нека ова отворање биде потсетник дека сме должни да чуваме, негуваме и промовираме сè што претставува душа на нашата татковина.“, дециден е премиерот Мицкоски.