Од утре почнува вонредно прскање против комарци

Министерството за здравство во соработка со Институтот за јавно здравје, врз основа на доставените податоци од 10-те центри за јавно здравје, определи 11 приоритетни локации во осум градови во државата, каде од утре и во деновите на викендот ќе се изврши теристичка дезинсекција, со цел уништување на комарците како превенција од западнонилската треска.

Дезинсекцијата, соопшти Министерството за здравство, ќе ја вршат центрите за јавно здравје од Скопје, Битола и Прилеп, кои ќе ги опфатат определените приоритетни локации на територијата на цела држава.

На територијата на град Скопје, како приоритетни точки за дезинсекција се определени – регионот на Топанско поле и Чаир (околу пазарот), како и територијата околу Смилковско езеро.

Во Крушево ќе се прска околу вештачкото езеро Гумење и отворениот канал во градот. На територијата на Куманово ќе се прска во село Оризаре (по течение на реката), во регионот на Моноспитовско блато во Струмица, како и во селото Чешиново во Кочани.

Во кичевскиот регион, дезинсекција ќе се изврши околу отворениот канал кај местото Иван Дол, во општина Зајаса на местото Ливади (на спој на реките Бачишта и Тајмиште).

Исто така, ќе се изврши дезинсекција на крајбрежјето на Дојранското Езеро, како и во регионот на Студеничко блато во охридско-преспанскиот регион.

Прскањето ќе се изведува во вечерните и раните утрински часови (од 2 до 5 часот). По тој повод се предупредуваат граѓаните кои одгледуваат пчели да ги преземат потребните заштитни мерки, односно да извршат затворање на кутиите со доволно вода за пиење на пчелите и да  не ги пуштаат надвор 3 до 4 часа по третирањето на подрачјето.

Утре дезинсекција ќе се спроведе на локации во Скопје, Крушево, Куманово, задутре во Дојран Струмица, Кичево, а во недела во Охрид и Кочани.