Ѓорѓиев: Компаниите добиваат сопственост на подземните инсталации

Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Владата спроведува голем број мерки и активности за реформа и унапредување на состојбите. Особен аспект се води за модернизација на системите, и нивно усовршување во функција на задоволување на потребите на граѓаните, и на компаниите, и обезбедување на поголеми можности и поефикасно и поефективно задоволување на потребите.

Функционален Катастар е битна одлика на секоја земја. Тој е неопходен и за граѓаните и за бизнисот. Македонскиот Катастар во изминатиот период драстично беше реформиран и денес претставува еден од најуспешните системи и најуспешни државни органи. Тој е комплетно модернизиран и 100% од територијата на земјата е покриена со електронски Катастар. Податоците се добиваат брзо, без поголеми трошоци и по електронски пат.

Владата одлучи да го надгради овој систем. За негово комплетирање Владата одлучи да стартува со реализација проектот за воведување на Катастар на инфраструктурни градби или попознат како подземен катастар и негово електронско функционирање. Оваа надградба ќе биде од исклучителна важност за граѓаните и компаниите и ќе го зголеми квалитетот на задоволување на потребите. Носител на активноста е Агенцијата за катастар на недвижности.

Со овој проект ќе се овозможи поголема прегледност на податоците за инфраструктурните објекти, планирање на просторот за инфраструктура и идни инвестиции во инфраструктурата, уредување на односите помеѓу сопствениците на земјиштето, ќе се олесни постапката за добивање одобрение за градба и ќе се овозможи поефикасна реализација на идните инвестиции, што ќе придонесе за развојот на пазарот на хипотеки.

Владата усвои и акциски план за реализација на проектот.

Проектот за имплементација на подземниот катастар Владата ќе го води во соработка со Словенија, Литванија, Холандија и Шведска. Во овие земји веќе имаме испратено стручни лица од Агенцијата за катастар кои се обучуваат, следат како функционира системот, ја следат работата на 3Д катастарот и управувањето со јавните комунални инсталации во катастарските агенции на овие земји, и ги согледуваат сите аспекти на воведување на истиот.

Во тек е изработка на физибилити студија за воспоставување на Катастар на инфраструктурни градби. Најдоцна во октомври физибилити студијата ќе биде готова и ќе ги содржи сите елементи на воведување на проектот.

Потоа, врз основа на физибилити студијата, најдоцна до крајот на 2012 година ќе се изготват измени на Законот за катастар на недвижности или пак ќе се изготви сосема нов Закон за инфраструктурни градби, кој во суштина е закон за подземен катастар. Во неговата изработка покрај Владата ќе биде вклучена и Заедницата на единиците на локална самоуправа и стопанските комори од Македонија, кои даваат голема поддршка на овој проект.

Покрај тоа што ќе ја уреди комплетно оваа област, најбитна придобивка од овој закон ќе биде тоа што со него ќе се овозможи да се заснова право на сопственост врз подземната инфраструктура која ја поседуваат определени субјекти и тие ќе може да добијат имотен лист за сопственоста.

Во Македонија има милиони километри подземни инфраструктурни објекти кои ги користат приватните компании, и стотици илјади  километри кои ги поседуваат државните или локални компании. Таа инфраструктура е од електрични, телекомуникациски, топлински, гасоводни, канализациони и водоводни инсталации, но ниту еден од субјектите нема право на сопственост.

Со законот компаниите ќе добијат сопственост врз истата инфраструктура, со што ќе се зголеми вредноста на самите компании, независно дали се државни или приватни, ќе може да располагаат со неа и да ја ставаат во економско-правен промет, ќе може да ја користат како хипотека или како покритие, и ќе може на друг начин економски да располагаат со неа, и тоа е една голема придобивка која е од големо значење за подобрување на перформансот на компаниите.

Агенцијата за катастар посветено работи на овој проект и по донесувањето на законот во текот на 2013 година се очекува воведување во Е-катастар и на инфраструктурни градби, односно на подземна инфраструктура.

Подземниот катастар ќе овозможи да се има точна информација дали на определена парцела има подземни водови, на која длабочина се, каков вид на вод е (водовод, оптички кабел итн), доколку нема водови на таа парцела истиот ќе овозможи информација за потенцијалните инвеститори на која оддалеченост е најблискиот вод за струја, телефон, водовод, пат, гас итн. Една од значајните работи која ќе ја овозможи подземниот катастар е и зголемување на безбедноста при изведување на градежни работи бидејќи инвеститорот ќе има точна информација каде, на која длабочина и кој вид на вод има на предметната градежна парцела.

Во Е- катастарот ќе се додадат и подземните инфраструктурни објекти и за нив ќе се издава имотен лист. Досега ако сакаш да градиш на една парцела за да провериш дали има на таа парцела подземна инсталација треба да одиш во ЕВН за струја, во Телеком за телефон, Водовод за вода итн итн и притоа никој од овие нема точен податок бидејќи не е извршено мерење. Сега на едно место во катастар со едно барање ќе се добие кои водови ги има на таа парцела и кои водови се најблиску до таа парцела.
    
За оваа цел потребно е да се изврши скенирање и снимање на подземната инфраструктура, за што се потребни средства. Затоа Владата одлучи да обезбеди средства кои ќе ги пласира до општините за да може истите да ја извршат оваа функција.

Комплетно проектот за воведување на Катастар на инфраструктурни градби ќе биде воведен во функција и операбилен во 2013 година по што ќе започне процесот на запишување на постојните инфраструктурни градби кои се очекува да трае наредните неколку години, а за новите градби како што ќе се градат така инвеститорите ќе имаат законска обврска истите да ги запишуваат во катастарот.
    
Воведувањето на овој проект и носењето на законот значат уште едно исполнето ветување на Владата. Од ова ќе има многу придобивки. Ќе се зголеми вредноста на компаниите, и можноста за располагање со инфраструктурата во правниот и економски промет, и како алатка за обезбедување на нови средства. При градењето ќе се знае каква инфраструктура има на теренот во врска со подземните градби и ќе може да се утврди точната местоположба на истите,  а за инвеститорите ќе значи точна информација при планирање, безбедност при градба, помали трошоци, со што ќе се добие во ефикасност и економичност. Одобренијата за градба ќе може да се издаваат побрзо затоа што ќе биде позната состојбата на теренот, што ќе биде од корист за граѓаните и инвеститорите. Овој проект и закон ќе внесе нов квалитет во економскиот и општествениот живот.