Ставрески: Развојната компонента на буџетот е присутна и на приходната и на расходната страна

Република Македонија, која за разлика од сите европски земји ги задржа ниските даноци од 10 проценти односно нула проценти ако се реинвестира, во пакет со капиталните инвестиции, го прави развојниот дел на буџетот најизразен во однос на сите држави во Еврoпа, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески одговорајќи на новинарско прашање за забелешките на опозицијата.

Според него развојната компонента на буџетот се гледа и на расходната и на приходната страна.  

- На расходната страна имаме износ на капитални инвестиции од околу 380 милиони евра,  кој е највисок износ во овие 20 години во делот на капиталните инвестиции.  Како што имаме навестено ќе почнат некои крупни инфраструктурни проекти во делот на патната, железничката инфраструктура, енергетиката. Ќе се градат училишта, водоводи, канализации, болници и слично. Тоа е голем придонес во развојот на економијата, односно поддршка за фирмите, истакна Ставрески.

Тој додаде дека од една страна се останува со најниски даноци и најмали трошоци на фирмите, а од друга страна преку капиталните инвестиции и покачувањето на пензиите и социјалната помош ќе се влијае во насока на поддршка на македонската економија.