Владата до Собранието ќе достави пет предлози на закони

Владата на денешната отворена седница ги прифати измените и дополнувањата на Законот за персонален данок на доход, Предлог-законот за автокампови, измените и дополнувањата на Законот за хартии од вредност, Предлог-закон за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија и измените и дополнувањата на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај.

За првпат во Република Македонија се предлага закон за автокамповите, а оваа област воопшто или многу малку била регулирана со македонската легислатива.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески пред членовите на Владата образложи дека се предлага автокампови да бидат основани од државата или од физички лица на приватно земјиште, каде е планирана изградба на автокампови.

- За формирање на автокамп треба да се даде предлог до Влада. Владата одлучува за формирање на автокамп, а додека комисија ќе ја определува категоризацијата на автокамповите согласно претходно утврдени критериуми, изјави Јанакиески. Додаде дека станува збор за европски критериуми според кои има четири категории на автокампови. Начинот и постапката на формирање на автокамп ќе биде многу слична како туристичките развојни зони. Предвидено е 70 проценти од површината на автокампот да се користи за кампирање, а додека 30 проценти можат да се користат за продавници, здравствени објекти, за спорт и рекреација, за зеленило..., рече, меѓудругото, Јанакиевски.  

Во законот, според министерот, првпат се предвидува и одредба за времено кампување. На пример доколку има некој музички хепенинг да може да се формира времен камп на локација кој ашто ќе ја утврди општината.

Контролата за тоа како се спроведува законот ќе ја врши Државниот пазарен инспекторат.

Јанакиески тврди дека досега во Република Македонија законски нема формирано автокамп што фактички значи дека сите автокампови што функционираат во земјата не постојат на хартија.

Агенцијата за просторно планирање, рече Јанакиески паралелно прави планови за сите автокампови во Република Македонија.

- Очекувам до крајот на 2013 година да има неколку формирани автокампови во Република Македонија, изјави Јанакиески.

Туристите според него ќе добијат информација за тоа од која категорија е автокампот, а очекува дека со тоа ќе се зголеми и бројот на туристи во земјата.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески ги претстави измените на Законот за персонален данок на доход. 

- Се работи за значајна измена на Законот за персонален данок на доход. Прво се ослободуваат од плаќање на персонален данок на доход приходите што се остваруваат во вид на паричен надоместок од страна на националните уметници согласно Законот за национали уметници. Второ, претходно на Влада помина една од измените што се однесуваше на каматите на орочени штедни влогови но сега предлагаме уште една работа, по заклучок на Влада, тоа е да се ослободат од  плаќање на персонален данок приходите што се однесуваат на капитални добивки. Предлагаме во период од три години тоа се 2013, 2014 и 2015 година заклучно со крајот на 2015 да се ослободат од плаќање на персонален данок капиталните добивки што се остваруваат на берзата, рече вицепремиерот.

Владата на седницата ги  прифати и измените и дополнувањата на Законот за хартии од вредност. Вицепремиерот и министер за финансии Ставревски истакна дека се работи за значајни измени на овој закон.

- Првата група на измени се однесуваат на воведувањето на обврската за задолжителна котација на акционерските друштва, изјави Ставревски додавајќи дека преодниот период ќе изнесува пет години од 30 април 2013 до 30 април 2018.

Вториот сет на измени се однесува на објавување на ценовно чувствителна информација.

- Со неколку одредби од законот се воведува обврска за акционерските друштва веднаш, а најдоцна наредниот работен ден до Комисијата за хартии од вредност да доставуваат извештај за секоја ценовно чувствителна информација. Истото во рок од пет дена да го објават во дневен весник како соопштение, рече вицепремиерот. Во функција на тоа е и дефиницијата за тоа што се смета за ценовно чувствителна информација.

Третиот дел од измените се однесува на структурата на органите на управување и на работење на Комисијата за хартии од вредност.

На седницата беше разгледан и Предлог - закон за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија. Актуелниот закон што го регулира ова прашање е од 1994 година. 

- Целта на овој закон е во иднина целокупниот деловен имот што го поседува државата, јавни претпријатија или акционерски друштва што се во доминатна државна сопственост тој простор да го продаваат или да го издаваат исклучиво по електронски пат, рече, меѓудругото, министерот Јанакиевски.

Владата го прифати и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај. Во законот се прави усогласување со Европската спогодба за меѓународен патен превоз на опасни материи. 

Вицепремиерот Владимир Пешевски на седницата на Валдата беше задолжен за еден месец да информира за изготвување на нов закон за формирање на фонд за иновации и развој.