Дипломатскиот кор се вклучи во акцијата „Ден на дрвото-засади ја својата иднина“

Со симболично засадување дрвца на локацијата Мршевски рид денеска претставниците на дипломатскиот кор во Македонија, министерот за надворешни работи Никола Поповски и градоначалникот на општина Илинден Жика Стојановски се вклучија во 10. јубилејна акција „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“.

Реализацијата на акцијата за пошумување, како што соопшти општина Илинден, е од огромно значење за зачувувањето и унапредување на животната средина, па токму затоа уште од самиот почеток општината е активно вклучена во досегашните девет акции.

На територијата на општина Илинден во изминатите пет години во акциите за пошумување засадени се над 1.250.000 садници, на површина од 590 хектари.

За ноемвриската акција чиј главен дел ќе се реализира во среда под мотото „Спортски е да се сади“ предвидено е на територијата на општина Илинден на површина од 11 хектари да се засадат 22.000 садници.