Средношколски натпревари за афирмирање на техничките науки

Технолошко-металуршкиот факултет под покровителство на Министерството за образование и наука организира средношколски натпревар "Наноматеријали - материјали за иднината“ со цел да го зголеми интересот за техничките науки кои се дефицитарни на пазарот на трудот.

Натпреварот ќе биде промовиран во сите средни училишта, а учеството е доброволно. Зинтересираните ученици треба да изберат тема за проект, од тие што ги нуди Технолошко-металуршкиот факултет, кои може да се најдат на веб-страницата за натпреварот www.tmf.ykim.edy.mk/natprevar.

Ученичките тимови треба електронски да се пријават за учество до 15 декември, а натпреварите ќе се одржуваат во училиштата од 6-ти до 20 февруари. Најдобрите тимови од секое училиште ќе одат на републички натпревар во април во Охрид. На школските натпревари ќе има три парични награди, од 2.000, 4.000 и 6.000 денари, а на републичкиот натпревар од 500, 1.000  и 2.000 евра.

Министерот за образование и наука Панче Кралев на прес-конференција на Технолошко-металуршкиот факултет рече дека натпреварот ќе овозможи увид во една иновативна област за средношколците.

- Владата и Министерството за следниот период планираат зголемен број активности за промоција на иновациите, меѓу кои е и формирање фонд на иновации. Поттикнувањето на интересот кај младите за иновациите е секогаш важна алатка, рече министерот Кралев.

Деканот на Технолошко-металуршкиот факултет Алексанар Димитров ги повика средношколците и нивните професори масовно да учествуваат на натпреварот.

- Република Македонија е земја во развој, на која секојдневно и е потребен нов високоедуциран инженерски кадар од научни области кои се изучуваат на овој факултет... да ги воведе во тајните на наноматеријалите - материјали на 21 век, рече Димитров.