Груевски: Не знам како Црвенковски ќе ги погледне в очи земјоделците, социјалните случаи и пензионерите
Секогаш кога во минатото Бранко Црвенковски тонел и кога неговата партија и тој лично немале идеи што да сторат, да станат поконкурентни за гласачкото тело и да прикажат некакви добри идеи за тој да стане атрактивен за гласачите и да гласаат за него, Црвенковски излегува со блокирање на иницијативи и предлози што ги дава власта со кои ќе го подобри животот на граѓаните.
Ова го порача премиерот Никола Груевски денеска од Брисел, запрашан од дописникот на МИА од европската престолнина да го прокоментира блокирањето на буџетот и аранжманот на државата со Светската банка. Според Груевски, таквата ретроградна и антидржавна политика, Црвенковски ја покажува со оваа блокада со цел, според него, да се спречи зголемувањето на пензиите, на социјалната помош, зголемувањето на субвенциите на земјоделците и многу други работи што се конструирани, а што се дел од новиот буџет и аранжманот со Светската банка и гаранцијата што банката ја понуди.
- Најпрво, Црвенковски се обиде да ја разубеди Светската банка, пишувајќи писмо до претседателот на банката дека во Македонија има лоши процеси и тоа беше изненадување и за оваа институција, оти обично лидерите на опозицијата кога станува збор за надворешните односи и надворешниот настап, се трудат да помогнат, да направат нешто позитивно на земјата, а внатре во државата водат борба за различни идеи. Овојпат, како и многупати претходно, тој директно се обиде да и направи штета на Република Македонија на надворешен план. Да ја сопре поддршката од страна на Светската банка на Македонија, а со тоа да сопре и многу позитивни иницијативи и реформи што се одвиваат во нашата земја. За среќа доби одговор од банката дека Македонија направи одлични реформи, дека има прогрес и е одличен пример и дека нема воопшто високо задолжување, туку умерено кое е едно од пониските во Европа со 30 проценти од Бруто-домашнито производ, вели Груевски.
Според претседателот на македонската Влада, погоден од одговорот што го добил, лидерот на опозицијата се насочил кон друг начин на негативно дејствување и правење штета, а тоа е блокада на парламентот, блокада на аранжманот со Светска банка, гаранцијата и заемот што требаше да го добиеме, како и блокада на буџетот.
- Не ме изненади, познавајќи го, Црвенковски секогаш кога бил во опозиција се обидувал да победи со блокада на добрите и паметни иницијативи од власта, а не со нудење на добри и паметни иницијативи од негова страна. Не знам како ќе ги погледне в очи пензионерите, земјоделците, стопанствениците кои се задоволни што од крајот на септември кога јавно ветивме дека ќе го намалиме долгот, веќе значително сме успеале во тоа и дури и предвреме во значајна мера сме исполниле од она што го ветивме. Едноставно не знам како ќе ги погледне на избори. Но, знам дека се обидува да направи штета, да добие некој политички поен, сакајќи нас да не прикаже пред гласачкото тело како некои неспособни, некои што нема да го исполнат ветувањето, потенцира Груевски.
Премиерот смета дека е очигледно оти Црвенковски се обидува да направи штета на државата и на граѓаните, но Груевски смета дека таквата политика ќе биде казнета уште на следните локални избори, а Владата ќе бара начини да го надмине овој проблем со него.