Лиценцирани фирми ќе го мерат квалитетот на амбиенталниот воздух
\
Инспектори на Градот Скопје, општините и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе прават контроли на инсталациите за квалитетот на амбиенталниот воздух со цел да го почитуваат законите и дозволите што ги добиле.
Од направените контроли на ресорното Министерство досега казнети се четири субјекти со по четири илјади евра, од кои три се во Скопје и еден од внатрешноста. За еден субјект постапката е во тек. Според Министерството, тие користеле опасен отпад како енергенс, односно отпадно масло.
Одлуката за засилените контроли произлегува од работната средба на Интерсекторската работна група за следење на состојбата со квалитетот на амбиентниот воздух, министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и градоначалниците на Град Скопје и општините.
Интерсекторската работна група е формирана со заклучок од Владата, со цел, како што истакна Адеми, да го контролира загадувањето на воздухот и да ја информира јавноста при алармантно загадување.
- Секоја година со почетокот на грејната сезона во Скопје се влошува квалитетот на воздухот. Причина за тоа различните материјали што ги користат граѓаните за греење, но влијание има и климата местоположбата, темпераутите..., смета Адеми.
Доколку се влоши состојбата, додаде тој, Градот Скопје и министерството, ќе преземат соодветни мерки.
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски информира дека во изминатиот месец исконтролирани се 45 субјекти.
- Тие имаат задача во рок од 30 дена да достават до Градот Скопје извештај од овластена лабораторија за нивното влијание како субјект на животната средина и доколку тоа не го направат во предвидениот рок, тогаш е предвидена казна од три илјади евра за субјектот и 700 евра за раководното лице. Доколку врз основа на анализите што ќе ги достават до Градот Скопје се констатира дека тие се загадувачи на животната средина, тогаш казните се од осум до 20.000 евра за субјектот и од 1.400 до 2.000 евра за раководното лице, рече Трајановски.
Доколку Градот Скопје смета дека некој од субјектите се загадувачи ќе повика официјална фирма да направи мерење на загадувањето на квалитетот на воздухот кај таа компанија и врз основа на тие резултатие, според градоначалникот, ќе се утврди дали ќе биде или нема да биде санкционирана. Доколку компанијата ги надминува дозволените граници, таа ќе ги плати трошоците направени за контролата на овластената компанијата.