Поставен камен-темелникот за изградба на нова Технолошко-индустриска развојна зона кај Прилеп
Во месноста Алинци кај Прилеп денеска е поставен камен-темелникот за изградбата на новата Технолошко-индустриска развојна зона.
Означувајќи го симболично почетокот на изградбата на современата инфраструктура според сите светски стандарди, премиерот Никола Груевски нагласи дека студеното време може да ги забави, но нема да ги запре владините намери да направат што повеќе за изградбата на технолошко- индустриските развојни зони во државава.
- Ваквото темпо е особено важно и потребно со цел повеќе региони во државава што поскоро да комплетираат инфраструктура соодветна на интересите на странските и домашните инвеститори, рече Груевски.
Претседателот на Владата нагласи дека посебно го радува тоа што општина Прилеп со брзо темпо ја оформува индустриската зона „Прилеп 1“, за мали и средни претпријатија каде се распродадени парцелите и наскоро ќе почне изградбата на капацитетите и ќе се отворат нови работни места. Воедно општината работи на три нови индустриски зони, а таа во Алдинци, смета Груевски, е предвидено да прими инвеститори од поголем калибар.
- Големите инвеститори во оваа зона ќе отворат и голем број работни места. Зоната има плански опфат од 67 хектари со можност за проширување на уште 35 и ќе биде поврзана со патна, водоводна, електрична и канализациска мрежа. Со ова и со условите во зоната Прилеп, Битола, Ресен, и околните населени места ќе добијат простор кој верувам дека ќе привлече голем број заинтересирани инвеститори, рече Груевски.
Истакна дека паралелно со уредувањето на технолошко- индустриските развојни зони во државава и бројните економски мерки и стимулации, владините тимови задолжени за промоција на инвестициските можности за Македонија, продолжуваат со бројни презентации и промоции во многу светски земји.
- Таквата пракса веќе привлече голем број ивнеститори во земјава. Дел од нив изградија фабрики и работат, дел покрај првата инвестиција влегоа и во втора, како што е примерот со „Џонсон Контролс“ и „Џонсон Мети“. Дел од инвеститорите во моментов градат фабрики, дел се во почетен стадиум на инвестиција, а со многу од нив се уште разговараме и ги убедуваме да го вложат својот капитал во Македонија, посочи Груевски.
Премиерот го нагласи огромното значење на технолошко- индустриските развојни зони во земјава, истакнувајќи дека токму затоа треба што поскоро да се изградат сите зони низ Македонија.
- Верувам дека на оваа зона и претстои добра иднина, а таква иднина го очекува и регионот и сите оние домаќинства од Прилеп и околината кои ќе имаат по некој член од семејството вработен во некоја од фабриките во Технолошко-индустриската развојна зона кај Алинци, рече Груевски.
Според директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо, оваа зона е една од 11-те во државава кои даваат резултати.
- Доказ за тоа се „Џонсон Контролс“ и „Џонсон Мети“ кои лани во вкупниот извоз на Македонија учествуваа со 16,3 проценти, а годинава се очекува нивното учество во извозот да биде 20 отсто, нагласи Мизо.
За министерот за странски инвестиции Веле Самак, пак, ова е посебен ден затоа што се активира зоната кај Прилеп.
- Се надевам дека ова ќе помогне да се најдат дополнителни проекти за оваа зона не само за странските инвеститори, туку своето место да го најдат и домашните фирми за да отворат капацитети и да вработат нови луѓе, истакна Самак.
Според градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, со изградбата на оваа Технолошко-индустриска развојна зона и со индустриската зона „Прилеп 1“, каде сите парцели се распродадени, а и со подготовката на нови три, Прилеп се промовира како вистинска дестинација за привлекување на странски гринфилд инвестиции, но и за развој на домашните фирми.
- Прилеп направи многу за да понуди добри услови за развој на индустријата и економијата. За една година го изготви Генералниот урбанистички план, донесе детални урбанистички планови и овозможи атрактивни локации не само за развој на економијата, туку и за нов станбен и деловен простор. Дваесетинта локации во индустриската зона „Прилеп 1“ се продадени, се прави целосната инфраструктура и наскоро ќе се градат новите капацитети на претежно прилепските фирми со што ќе се обезбедат близу 2.000 нови вработувања, рече Ристески, нагласувајќи дека веќе се подготвува и другата иднустриска зона „Прилеп 2“ за малото стопанство и лесната индустрија со можност за нови 1.000 вработувања.
Со продажба на парцели на повеќе локации во градот, додаде, се отвора можност за понуда за 300 станбени единици, а тука е и новата современа европска населба Градина каде за парцелите постои огромен интерес.