Груевски најави инвестиција од 200 милиони евра и две илјади вработувања во Џумајлија
Премиерот Никола Груевски денеска најави инвестиција од најмалку 200 милиони евра во агрокомбинатот Џумајлија која ќе овозможи две илјади вработувања.
Објавувајќи го завршувањето на огласот за избор на концесионер за Џумајлија, Груевски информира дека таму ќе инвестира фирма-ќерка на позната мултинационална компанија од далечна држава и посочи оти очекува самата компанија да ја објави инвестицијата и да се претстави.
- Оваа компанија се декларира дека ќе инвестира над 200 милиони евра во наредните три години, како што налагаат условите во јавниот повик и оти ќе вработи, што е моногу важно, најмлаку де илјади лица, изјави премиерот по поставувањето камен-темелник на Технолошко-индустриската развојна зона Алинци кај Прилеп.
Тој посочи дека следи фаза на евалуација, а потоа и потпишување на договорот. Инвестицијата, како што рече, е особено значајна бидејќи ќе значи голем препород за регионот кај Џумајлија, бидејќи вработувањата на над две илјади лица значи егзистенција за над две илјади невработени.
Покрај ова, тој укажа дека компанијата најавува оти ќе донесе над 20 илјади грла говеда, ќе изгради фабрика за сточна храна и млекарница со голем капацитет. Нивните планови се покривање не само на македонскиот и регионалниот пазар, туку да продаваат и низ цела Европа, па и пошироко.
- Се работи за крупна инвестиција чие име не би сакал да го спомнам бидејќи се надевам дека тие ќе си го соопштаат тоа, затоа што знам дека инвеститорите најчесто сакаат самите да се промовираат. Но ќе кажам дека се работи за компанија чие име во Македонија е веќе слушнато. Зборувам за фирма-ќерка на таа компанија којашто е доста позната и која доаѓа од држава со која имаме две историски личности што не поврзуваат, изјави Груевски.