Груевски: Црвенковски тоне и создава хаос но граѓаните ќе го казнат
Претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски со блокирањето на Буџетот за следната година и на евтиното задолжување кај Светската банка создава хаос, играјќи на картата тој да ги добие локалните избори без да мисли дека прави штета на граѓаните и на целата држава.
Ова го оцени денеска премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен темелник на Технолошко индустрисакта развојна зона Алинци кај Прилеп.
- Секогаш кога Бранко Црвенковски тоне сака да повлече и други со него и да создаде хаос, а така е и овојпат. Тоа што го смислил во моментот е практично поради тоа што гледа оти ќе ги загуби локалните избори. Целта му е ако може да ги добие на начин што ќе ја спречи Владата да подели плати и да покачи пензии, да ја зголеми социјалната помош, да не може да исплати субвенции, и да го закочи целото работење на државата со тоа што го запира носењето на Буџетот и на аранжманот на Светската банка што е исклучително поволен, рече премиерот Никола Груевски.
Потсети дека претходно лидерот на СДСМ направи обиди да го блокира евтиното задолжување со писмо до Светската банка, но, како што рече, од таму доби шлаканица и сфати дека неговите трикови не поминуваат надвор.
- Тогаш се насочи со својата негативна енергија кон запирање на протестите во државата за спречување на аранжманот со Светската банка и донесување на буџетот на државата. Притоа воопшто не го интересира што ќе бидат повредени пензионерите, земјоделците, корисниците на социјална помош, што може да запре испораката на медицинска опрема и на други работи што се набавуваат во државата. Го интересира како да направи штета на власта за тој да ги добие локалните избори и ништо друго, и затоа ќе ги изгуби изборите, посочи премиерот.
Според него, лидерот на СДСМ секогаш настапува со негативна енергија и наместо да смисли нешто подобро и поконкурентно од политички аспект, настапува со закочување на процесите и стопирање на владините активности со кои Владата сака да помогне на различни категории на граѓани, пензионери, земјоделци, корисници на социјална помош...
- Ќе направиме се што е во наша моќ да го стопираме во тие негови намери иако намерата му е сериозна. Не е обичен блеф или краткорочно раздвижување, не е некое краткорочно раздвижување во Парламентот, туку се работи за сериозна намера на овој човек да ги стопира плаќањата од Буџетот и аранжманот со Светска банка, да направи сериозна штета на граѓаните со цел тие да речат власта не ја бива, не ги покачи пензиите, не ја зоглеми социјалната помош, ни доцнат плати... И ајде сега да гласаме за Бранко Црвенковски, наведе премиерот порачувајќи оти тоа во Македонија по 21 година демократија не поминува.
Црвенковски затворен на Бихачка, истакна тоа не може да го разбере, односно не разбира дека граѓаните се веќе добро образовани, добро знаат што се случува и ценат.