Беџети им врачи повелби на новоименуваните извршители
Министерот за правда Блерим Беџети денеска им врачи повелби на пет нови именувани извршители. Во моментов во Македонија се именувани се 97 извршители, а предвидени се вкупно 132 седишта на територијата на целата земја.
Со законот за извршување, со кој се воведе институтот извршител, се промени системот на извршување на судските одлуки кои гласат на исполнување на обврски, одлуки донесени во управна постапка кои гласат на исполнување на парична обврска.
- Анализите на досегашната примена на Законот за извршување покажуваат дека се реализираше основната цел, а тоа е да се создаде ефикасен систем на извршување и остварување на правата на доверителите во разумен рок, рече министерот Беџети при врачувањето на повелбите.
Со Законот, додаде Беџети, заради ефикасно спроведување на извршувањето се напушти системот на судското извршување и во вид на професија, беше воведен инситутот извршители - лица кои вршат јавни овластувања именувани од министерот за правда, за подрачјето на одреден суд и извршуваат извршни исправи на судот или органот чие седиште е на подрачјето на кое е именуван.
Претседателот на Комората на извршители Гордан Станковиќ истакна дека од воспоставувањето на овој систем во 2006 година, бројот на предмети за извршување постојано се зголемувал се до минатата година кога било забележано забавување во зголемувањето на предметите, што според него, покажува на успешност на воведувањето на овој институт.
- Тоа значи дека на петтата година од воспоставувањето на извршувањето се забележаа крајните резултати од донесувањето на Законот, а тоа е дефинитивно подобрувањето на правната дисциплина и подобрување на роковите во кои се исполнуваат обврските наметнати со извршните исправи, рече Станковиќ.
Додаде дека овој институт предизвикал општо подобрување на финансиската дисциплина во земјата, на инвестициските услови и воопшто почитување на правосудната власт.