Беџети: Работната група ќе продолжи со имплеметација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР
Министерот за правда Блерим Беџети најави дека работната група која работи на имплеметација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и на Венецијанската комисија во Изборниот законик ќе продолжи со работа со делот кој се однесува на парламентарни и претседателски избори, откако во Собранието ќе бидат усвоени оние кои се однесуваа на локалните.
- Предлозите што беа доставени во Собранието беа со приоритет во делот на локалните избори, а сега продолжуваме во делот на парламентарните и претседателските избори кои исто така се дел од препораките од ОБСЕ/ ОДИХР и Венецијанската комисија. Самите членови на работната група побараа да заврши постапката во Собранието, каде на предлозите има доставено повеќе амандмани. Значи Министерството за правда, односно Владата на Република Македонија ќе направи се што е во рамките на нејзината надлежност, рече Беџети одговарајќи на новинарско прашање дали ќе продолжи со работа работната група.
Беџети додаде дека работната група ја води државниот советник во Министерството за правда Селим Адеми, а оти во неа се вклучени и претставници од сите институции кои имаат надлежности за спроведување на изборите, како и претставници на политичките партии кои се застапени во Собранието на Република Македонија.