Тодоров: Разговорите со синдикатите за здравство се движат во позитивна насока
Министерот за здравствство Никола Тодоров по денешната средба со претставници на синдикатите за здравство оцени дека разговорите се движат во позитивна насока. Очекува разговорите да се интензивираат до крајот на оваа и наредната недела и во период од 10 дена до две недели да излезат со конкретно решение.
Треба да го искористиме овој позитивен моментум, посочи Тодоров, и да изнајдеме компромисно решение кое нема да остави никој да биде ниту поразен ниту победник, а кое ќе овозможи да се реши овој проблем кој настана околу имплементација на проектот за плаќање по успешност. Истакна дека имаат определени осум-девет точки на маса кои се една добра контура за изнаоѓање решение.
- Контурите на можното решение се движат во насока на тоа на подготвување на бодовникот. Разговаравме за американскиот модел и да видиме што од него може да биде прифатено. Разговараме за еден модел на квартално плаќање на учинокот и се трудиме да овозможиме принципите на двете страни да не бидат погазени, односно да победат принципите на реформата и на барањата на штрајкувачкиот одбор и на синдикатите, рече Тодоров.
Претседателот на Синдикатот на клиничките центри и другите здравствени организации, Дејан Ставриќ истакна тоа ќе бидат дефинитивно интензивни преговори во текот на следните седум до 10 дена, кога и може, како што рече, да дојде до мораториум на штрајкот ако се постигнат договори.
Тој изрази надеж и на постигнување договор за еден од најспорните делови во преговорите, а тоа е плаќањето по учинок.
- Оптимист сум од денешната средба и мислам дека самиот факт дека разговараме е еден чекор напред и се надеваме на договор, рече Ставриќ.
Одговарајќи на новинарско прашање дали штрајкот ќе продолжи, одговори „моментално да“. Според него, за време на штрајкот нема оштетени пациенти и не е загрозено здравјето и животот на ниту еден пациент.
Претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски изрази надеж дека исходот од преговарачкиот процес ќе биде во интерес на двете страни.