Новогодишни пакетчиња за деца со посебни потреби и од социјални семејства

Децата со посебни потреби и деца од социјално загрозените семејства денеска добија новогодишни пакетчиња во рамки на хуманитарната акција „Да споделиме радост“, што ја организира Црвениот крст на Македонија во соработка со ЕВН Македонија. Во акцијата обезбедени се 1.500 пакетчиња, од кои денеска се поделија 350 на територија на Град Скопје.

Преку Црвениот крст на Град Скопје, со активноста се опфатени околу 300 дечиња од Заводот за рехабилитација во Топанско поле, децата од Дневниот центар за лица со церебрална парализа, Специјалното училиште за деца со оштетен вид „Димитар Влахов“, дневните центри за деца од улица Шуто Оризари и Кисела Вода, Специјалното училиште „Златен Сремац“ и деца со оштетен слух.

Пакетчињатa ги поделија министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити и претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Вернер Хенгст.

Министерот Ристовски рече дека нема ништо поубаво од тоа да се види насмевка на детските лица, им посака здравје и радост и им ги честита претстојните новогодишни и божиќни празници.

- Сметаме дека со овие пакетчиња барем малку ќе влијаеме и ќе придонесеме на овие деца да им биде убав крајот на годината, рече Саити.

Вернер Хенгст појасни дека во рамки на оваа акција ќе бидат опфатени околу 1.500 деца од 13 градови низ Македонија. Хуманитарната акција на ЕВН Македонија и Црвениот крст ќе продолжи од 24 декември во Куманово, Битола, Гостивар, Кавадарци, Тетово, Гевгелија и во други градови.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа што ќе сторат со лицата во социјален ризик, Ристовски рече дека во рамки на нивните активности периодов ќе продолжат неколку хуманитарни акции.

- Продолжува нашата соработка со Црвениот крст. Доколу се случи намалување на температурата, ќе продолжат сите активности кои ги имаме за бездомните лица - нивно сместување и згрижување. Постои можност за реактивирање на проектот на мобилни пунктови, на кои ќе се обезбедува храна, пијалаци, ќебиња и се друго што им е потребно на бездомните лица и на лицата во ризик, рече Ристовски.

Тој изрази задоволство што се повеќе компании и бизнис заедницата се повеќе се вклучуваат во сите хуманитарни акции.