Пуштена во употреба нова трафостаница во општина Липково
Жителите од општина Липково и стопанствениците од овој реон ќе добијат посигурно снабдување со електрична енергија со пуштањето во употреба на новата трафостаница на ЕВН од 400 КВА. На пуштањето во уптореба на трафостаницата присуствуваше министерот за економија Ваљон Сарачини и претставници од ЕВН Македонија и локалната самоуправа.
- Едно од главните барања и на локалната власт и на стопанствениците од овој регион беше поставување нова трафостаница. ЕВН излезе во пресрет и инвестираше околу 6 милиони денари за оваа трафостаница која има огромно значење за реонот кој опфаќа повеќе села Липково, Опае, Слупчане и останатите села од околината, а воедно ја подобрува сигурноста во снабдувањето со електричната енергија. Се надевам дека ваквиот пример на инвестиции, ќе го следиме и во други региони на Македонија, рече министерот за економија, Ваљон Сарачини.
ЕВН инвестираше 100.000 евра за оваа трафостаница која, како што рече раководителот на Корисничкиот енерго центар Куманово Лирим Сулејмани, ќе овозможи квалитетно снабдување на потрошувачите и на локалите стопанственици.
Градоначалникот на општина Липково,Садула Дураку смета дека оваа инвестиција ќе го подобри стопанството во овој регион.
Од ЕВН информираат дека наредната година ќе продолжат со инвестирање во дистрибутивната мрежа во кумановскиот и липковскиот регион со цел подобрување на напонските прилики и сигурноста во снабдувањето со електричната енергија.