Претседателот Иванов го посети МНР
Претседавањето со Процесот на соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и подготовките околу Форумот за дијалог меѓу цивилизациите, чиј домаќин годинава е Македонија, беа теми за време на денешната посета на претседателот на државата Ѓорге Иванов на Министерството за надворешни работи.
- Оваа средба е пред се посветена на она што не очекува како голем настан во годинава, а тоа е претседавањето со Процесот на соработка во ЈИЕ и Форумот за дијалог меѓу цивилизациите. Тие два настана ќе ја одбележат годината и ние мораме да излеземе за сите тие прашања што веќе се отворени во тој процес и да го дадеме нашиот придонес. Така што, сега ќе разговараме и со политичките директори, тие се најнадлежни за сите аспекти на процесот, изјави Иванов.
Тој во МНР разговараше со министерот за надворешни работи Никола Попоски, со членови на Министерството и со политичките директори, во рамки на, како што рече, воспоставената практика да се одржуваат средби за сите прашања од надворешната политика.
- Сакаме да се покажеме како добри претседавачи бидејќи ги имаме на дневен ред прашањата кои се на некој начин и одбележани со оваа година. Знаете, имаме година кога беше земјотресот во Скопје и затоа темата ни е посветена за сите природни катастрофи и како регионот да се справува со сето она што е предизвик од она што е виша сила, рече Иванов.
Република Македонија го презеде едногодишното престедавање со ПСЈИЕ од Србија во јуни, минатата година.