Груевски: Повеќе средства во функција на зголемување на зголемување на бројот на туристи
Премиерот Никола Груевски денеска изјави дека се прават се поголеми инвестиции во туризмот и во таа насока годинава значително е зголемен буџетот на Агенцијата за туризам, кој беше 1 милион евра, а сега е околу 2,5 милиони евра.
- Тие средства ќе бидат главно инвестирани за промоција на Македонија на околу 18 саеми. Владата и практично го одобри планот за настап на саеми. Ако лани биле пет или шест сега во текот на оваа година ќе се оди на околу 18 саеми на повеќе континенти. Нешто што Македонија во минатото од независноста до денес не успеала да го направи како активност, рече премиерот Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на две нови лаборатории на Природно-математичкиот факултет
Втора работа, како што рече, е тоа што се зголемија средствата од 800.000 евра на 1 милион евра за субвенционирање на тур-оператори кои испраќаат туристи во Македонија, а со тоа расте и нашиот туристички потенцијал, расте бројот на туристи, растат приливи на девизи во земјата и се отвораат работни места во тој дел.
- Постојано се трудиме да најдеме начин и средства кои ќе му помогнат на туризмот во Македонија. Ова се две новини кои ги спомнав, а за многу други работи претходно имам говорено, но овој дел со драстично зголемување на буџетот на Агенцијата за туризам пред се во правец на промоција, настапи на саеми, промотивни материјали, како и зголемувањето на средстава за субвенционирање на тур-операторите се новини кои се однеодамна донесени и кои ќе имаат директно влијание уште во 2013 година, а уште повеќе во 2014 година кога ќе се видат ефектите од овие инвестиции, нагласи Груевски.