Груевски: Укинатата царина за благородните метали поддршка за компаниите
Укинувањето на царините за благородните метали е поддршка од Владата за компаниите и за отворање нови работни места, оцени денеска премиерот Никола Груевски.
Според него, укинувањето на давачката е од голема корист за компаниите пред се за „Џонсон Мети“, еден од поголемите странски инвеститори во Македонија, на кој благородните метали му се увозна суровинска компонента.
- Тоа ќе го направи нивното производство поконкурентно и се разбира ќе ја зајакне позицијата на нивната компанија во Македонија што нас не радува, рече Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на две нови лаборатории на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Освен што се инвеститор во Македонија, укажа, вработуваат доста луѓе „Џонсон Мети“ се и промотор на Македонија.
- Повеќето компании од светот кога доаѓаат и прашуваат за можностите за инвестирање во Македонија одат и кај оние компании кои во последните години инвестирале да ги прашаат дали тие се задоволни и дали Владата навистина го спроведува она што декларативно го кажува кога оди на промоции. Така што од тој аспект овие компании се на некој начин наши промотори и поддржувачи. И секако дека Владата треба да покаже дека правиме се што е во наша моќ да им помогнеме како на нив, така и на сите останати, рече Груевски.
Укинувањето на царините за благородните метали, според него, ќе помогне и на други компании во Македонија што сакаат да се занимаваат со бизнис каде благородните метали се суровинска или компонента што е дирекно потребна за изработка на некој производ.
- Имам информации дека некои компании од минатото коишто беа во фази на стечај и ликвидација сега се откупени од други компании или лица и оти ќе почнат да се занимаваат повторно со производство на злато, што е добро. На нив, ова ќе им помогне да отворат нови работни места. Значи нашата цел е помагање на компаниите да отвораат нови работни места. Сите чекори што ги влечиме ги влечиме во тој правец и конечно ќе им помогне и на занаетчиите во правење на поконкурентни производи, поголема продажба, развој на туризмот, изјави премиерот Никола Груевски.