Времето ќе покаже какво значење има проектот „Скопје 2014“

Реконструкција на галерискиот простор на Музејот на современата уметност, во кој конечно ќе биде презентирана постојана поставка со дела од богатата колекција на музејот, меѓународни претставувања на македонската култура во Марсеј, Венеција, Ница, Рим, Денови на македонската култура во Шведска и во Холандија, учество на саемите на книгата во Белград и во Истанбул. Ова е само дел од содржините најавени во Националната програма за култура, на кои, како што вели министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, ќе биде ставен фокус во претстојнава година. Министерката најавува дека ќе инсистира јавноста да биде информирана за проектите за кои не е поднесен отчет, а за кои се земени државни пари, како и за проектите што се финансирани од државата, а сѐ уште не се реализирани. Државните пари мора да се оправдаат, вели Канческа-Милевска.

Денеска ја објавивте Националната програма за култура. Кои проекти би ги издвоиле како најзначајни во годинашниот избор?


- Во годишната програма се поддржани повеќе проекти, кои се од големо значење и за институциите и за уметниците, но и за целокупниот позитивен развој на културата во нашата земја. Тоа се проекти од сите дејности на културата, како и капитални инвестиции значајни за самите институции. Оваа година ќе продолжиме со заштитата на нашето вредно културно наследство и со интензивна меѓународна културна промоција. Од позначајните проекти во годишната програма, ќе ја издвојам реконструкцијата на галерискиот простор на Музејот на современата уметност, во кој конечно ќе биде презентирана постојаната поставка со дела од богатата колекција на музејот. Публиката ќе има можност да ги види уметничките дела на Пикасо, Вазарели, Хокни, Џаспер Џонс и на многу други што ги поседува музејот.
Годинава ќе го отвориме и музејот на децата-бегалци во рамките на Музејот на Македонија, а ќе ја завршиме и реконструкцијата на киносалите во Кратово и во Пробиштип, реконструкцијата на Музејот во Крива Паланка, како и реконструкцијата на саат-кулите во Прилеп и во Гостивар. Во 2013-та ќе ја продолжиме и реализацијата на проектот за реконструкција на фасадите на објектите, кои се споменици на културата во сите градови низ Македонија. Тоа е долгорочен проект, кој ќе се реализира во следните четири години.

И покрај финансиската криза, буџетот за култура оваа година ќе биде поголем во однос на минатата. Како успеавте да се изборите за поголем буџет?


- Во време на економска криза, кратењето на средствата е секогаш на сметка на културата, но, за среќа, во нашата држава не е така. Премиерот и министрите во Владата имаат должна почит кон културата, кон нашето национално културно богатство и творештво, и тоа е многу важно. Со претходните проекти сме ја оправдале довербата, па затоа добиваме континуирана поддршка, која се зголемува од година на година. Сите проекти што ги реализираме придонесуваат за едно развојно поместување на културата.


Капиталните проекти, кои се во процес на изградба, полека се финализираат. Конечно и филхармоничарите, кои со децении немаат соодветен простор, ќе добијат своја концертна сала. Задоволни ли сте од динамиката на изградба и дали договорените термини за финализација ќе бидат запазени?


- Се работи за сложени градби, кои првпат се градат во нашата држава, како театарот, концертната сала или новите музеи, кои имаат навистина современ и модерен пристап во изложувањето на музејските експонати. Кога почнуваат проектите, секогаш се изготвува динамика, но понекогаш работите не одат според зацртаниот план, од објективни причини. Тоа не зависи од нас, туку од сите инволвирани страни што ги реализираат проектите. Голем дел од овие објекти се завршени, а дел од нив се во завршна фаза. Оваа година нѐ очекува завршување на изградбата и промоција на значајните капитални објекти, како што се Стариот театар, Археолошкиот музеј и Театарот во Велес, а ќе ја започнеме и изградбата на Турскиот и на Струмичкиот театар, како и реконструкцијата на Албанскиот театар. Идната година ќе биде завршена и концертната сала за Македонската филхармонија. Во 2014 година оваа најстара институција во нашата држава одбележува 70 години од формирањето, па ќе биде пригодно овој јубилеј да го прослават во нова концертна сала. Во моментов е објавен тендер за последната фаза од изградбата, за реализација на ентериерот со акустиката.

Изминативе години малку поголем акцент е ставен на меѓународните претставувања. Се презентира ли доволно македонската култура во странство?


- Меѓународните претставувања се приоритет и во Програмата за култура за 2013 година. Македонската култура оваа година ќе биде претставена во Марсеј - европската престолнина на културата за 2013 година, ќе одиме на Биеналето во Венеција, ќе организираме Денови на македонската култура во Шведска и во Холандија, земји со кои одбележуваме 20-годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи. Македонија ќе учествува и на 7. Франкофонски игри во Ница, а традиционално ќе се реализира и манифестацијата „Во чест на св. Кирил“ во Рим. Македонската опера и балет, Филхармонијата и театрите, исто така, ќе имаат меѓународни претставувања, како и уметниците, кои индивидуално ќе ја презентираат нашата култура во странство или го промовираат своето творештво во културно-информативните центри во Њујорк и во Софија. Ќе бидеме присутни и на саемите на книгата во Белград и во Истанбул.

Подготвивте и Национална стратегија за култура. Ќе помогне ли оваа форма да се детектираат приоритетите во македонската култура?


- Националната стратегија ја изработивме многу транспарентно, во консултација со странски и со домашни експерти, со соработници од МАНУ, имавме јавна расправа, дебати. Исто така, стратегијата беше испратена на мислење до над 150 субјекти од областа на културата, институции, граѓански здруженија, истакнати поединци од културата, државни органи. Она што е важно да се напомене е дека не станува збор за декларативен документ, туку документ со посебен акциски план за подобрување на условите во македонската култура. Детектирани се сите слабости во сите сфери на културата и дадени се конкретни решенија. Од нив нема бегање, тие мора да се применат. Стратегијата помина на седница на Владата, а сега треба да биде изгласана и во Собранието. Мислам дека успеавме да создадеме квалитетен стратегиски документ, кој ќе има позитивна рефлексија во остварувањето на културата и ќе ги промени работите на подобро.


Уметниците велат дека сте исклучително отворена за соработка и дека не ви е важна партиската определеност кога станува збор за презентација на македонската култура. Кои критериуми ви се важни кога давате зелено светло за одреден проект?


- Политиката мора да се тргне настрана кога станува збор за уметност и култура. Јас сум целосно неоптоварена и ослободена од тоа бидејќи за мене се најважни уметничките вредности, креативноста и успешната презентација на македонската култура во странство. Се радувам и се гордеам на секој постигнат успех на македонските уметници и институции, кој, верувајте, е најголемо признание и најсилен аргумент на една држава. Отворена сум кон сите, квалитетот ми е на прво место.

Проектот „Скопје 2014“ ја подели стручната јавност. Сте се посомневале ли некогаш во неговата оправданост?


- Никогаш не сум се посомневала во оправданоста на проектот, секогаш велам дека времето ќе покаже од какво значење биле овие инвестиции, и од историски и од културен и од архитектонски аспект. Од страна на Министерството за култура, реализацијата на овие проекти е во согласност со сите законски прописи и процедури во нашата држава. За сите објекти што ги реализира Министерството за култура во почетокот распишавме меѓународни конкурси за идејни решенија, а во комисиите членуваа архитекти предложени од асоцијациите на архитектите на Македонија. Тие архитекти, кои беа именувани во комисиите по предлог на асоцијациите на архитектите, ги избраа идејните решенија и го ставија својот потпис на одлуките. Во комисиите членуваше и по еден странски архитект. Идејните решенија пристигнати на конкурсите ѝ беа презентирани и на јавноста, преку неколку изложби. Целата процедура беше транспарентна, ние не наметнавме ниту едно решение, а изборот беше направен од членовите на комисиите. Објектите што се изградија и оние што наскоро ќе бидат финализирани се од капитално значење за македонската култура. Конечно ќе добиеме репрезентативен театар опремен со најмодерна технологија, во кој уметниците ќе имаат нормални услови за работа. Македонската филхармонија, по речиси седум децении, конечно ќе добие концертна сала, направена според највисоки стандарди. Нема сомневање кога станува збор за овие проекти, тие се важни за македонската култура, за афирмација на нашите културни вредности. Тие ќе останат, а ние сме минливи и менливи. 

Ве критикуваат дека во Националната програма за култура го практикувате принципот секому по малку. Тешко ли е да се направи соодветна селекција на проекти, а истовремено да бидат задоволни сите што заслужиле да бидат финансирани со државни пари?


- Не се согласувам со таа констатација, зашто ако е така, немаше да се реализираат голем број капитални проекти, а за тоа говорат резултатите и фактите. Никогаш досега не се финансирала толку интензивно културата, особено во делот на капиталните проекти. Она што е интересно да се каже, а на јавноста не ѝ е познато, е какви проекти пристигнуваат на адресата на Министерството за култура. Има проекти со несоодветно пополнети апликации во кои содржините на проектите не се елаборирани на соодветен начин, на некои дури и годината не им е изменета, бидејќи со истиот проект конкурирале и претходно до Министерството за култура. Треба да се има посериозен пристап кон конкурсот и пополнувањето на апликациите. Од оваа година ќе инсистираме јавноста да биде информирана за проектите за кои не е поднесен отчет, а за кои се земени државни пари, за проектите што се финансирани од државата, а сѐ уште не се реализирани. Државните пари мора да се оправдаат. Оваа година имаше навистина квалитетни проекти, наспроти оние примери што ги споменав, а стручните комисии, како и досега, водеа сметка да се направи добар избор на проекти, кои се квалитетни и се од национален интерес за културата. Комисиите не се водат од принципот секому по малку, туку е важно да се поддржат капитални проекти, да се направи добра селекција во која нема да биде запоставен ниту еден сегмент од македонската култура. Важно ни е да постои рамноправен однос кон сите сфери во културата. Мислам дека и годинава направивме добар избор на квалитетни и издржани проекти. 

 

Извор: „Нова Македонија“

Новинар: Ангелина Димоска