Училиштата го одбележаа 9 Мај – победата над фашизмот и денот на Европа

Во основните и средните училишта низ Македонија денеска се одржа час посветен на 9 Мај, на кој  се празнуваат два историски датума – 69 години од победата над фашизмот и Денот на Европа - со кој се одбележува обединувањето на европските земји.

На часовите, кои беа организирани по препорака на МОН, учениците и наставниците разговараа за настаните од кои произлегле вредностите и придобивките на современиот свет – победата на антифашистичката коалиција во 1945 и подоцна – зародишот на идејата на Робер Шуман за здружување на државите во големо европско семејство.

Средношколци од уметничките насоки придонесоа со својата креативност – идните уметници на сликарски платна на плоштадот „Македонија“ твореа на тема „НОБ Македонија/Европа“, а ученици од средното музичко изведуваа дела од програма симболично насловена „Македонија и Европа“.

Министерот за образование и наука  Спиро Ристовски следеше историски час на осмоодделенци во ОУ „Кузман Јосифовски-Питу“ во Кисела Вода и го посети настанот  на плоштад.

- Ова е еден од најсветлите датауми во историјата, зашто се одбележуваат две огромни победи – победата над најголемото зло за човештвото - фашизмот,  и создавањето на најголемото семејство во Европа – Европската унија. На училишен час во сите основни и средни училишта низ Македонија беа дискутирани теми од историјата, од учеството на Македонија во антифашистичката  борба и теми поврзани со формирањето на Европската унија, истакна Ристовски по посетата на ОУ „Кузман-Јосифовски-Питу“. Додаде дека не  случајно го избрал токму тоа училиште зашто Јосифовски-Питу,  како што рече, е меѓу најголемите идеолошки творци на борбата за слобода и независност во Втората светска војна.

Ристовски денеска го посети и форумот на тема „Антифашистичката и Народноослободителната борба“ организиран на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Ректорот на УКИМ Велимир Стојковски истакна дека Унивезритетот се вклучува во одбележувањето зашто победата над фашизмот е најголем празник на сите народи во светот.

- Бидејќи, за да дојдеме до ова што денес го имаме, светот претрпе огромни загуби, преку 50 милиони жртви. Македонија и македонскиот народ може да бидат горди затоа што во вистинскиот момент застанаа на вистинската страна – на страната на слободата и борбата против фашизмот и како победници во таа борба ја добивме независната држава, рече Стојковски.

Проф. Никола Жежов од Институтот за историја на Филозофскиот факултет рече дека 9 Мај треба да биде и опомена да не се повтори злото кое пред седум децении е победено од цивилизираното човештво и слободољубивиот свет.

– Сите граѓани треба со гордост да го прославуваат овој празник и да се потсетуваат на 9 Мај, зашто во последно време зачестија појави на неофашистички движења и организации низ светот. 9 Мај нека биде опомена дека човештвото еднаш засекогаш треба да раскрсти со тоа зло. Македонскиот народ скапо ја плати борбата со фашизмот, со неколку десетици илјади жртви во сите делови на етногеографска Македонија...  Најголемиот дел од тогашните западни сојузници го признаа и поздравија создавањето на федералната македонска држава во рамките на Југославија и таа доби признание како рамноправен партнер во антихитлеровската коалиција, рече Жежов.