Груевски на одбележувањето на почетокот на Првата светска војна во Лиеж

Премиерот Никола Груевски денеска присуствуваше на церемонијата за одбележување на 100-годишнината од почетокот на Првата светска војна, што се одржа на Меморијалниот споменик во Лиеж, Кралството Белгија.

На цермонијата во Лиеж се обратија претседателите на Франција и на Германија, Франсоа Оланд  и Јоаким Гаук, војводата Вилијам од Кембриџ, белгискиот крал Филип и премиерот на Белгија Елио ду Рупо.

Во Лиеж се собрани над 50 шефови на држави и влади, а на свеченото одбележување покрај претседатели и премиери имаше и претставници на кралските семејства од цела Европа.

Присуствуваа и претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Баросо, а и претседателите на Австрија и Србија, Хајнц Фишер и Томислав Николиќ, како двете први завојувани страни.

Говорниците им оддадоа почит на над 8 милиони војници и цивили кои загинаа во Првата светска војна. Францускиот претседател Франсоа Оланд, во своето обраќање по повод почетокот на Првата светска војна, се осврна и на денешните воени жаришта во светот, како Ирак, Сирија и Газа, порачувајќи им на европските лидери дека не смеат да бидат неутрални по овие прашања.

Меморијалниот центар Коинте е подигнат на местото на првата битка меѓу германските и сојузничките сили, откако армијата на Кралството Германија, на 4 август 1914 година, ја мина белгиската граница, вовлекувајќи ги Франција и Обединетото Кралство во отворен конфликт. Лиеж бил првиот град кој пружил 12 дена отпор и со тоа помогнал другите делови на Белгија, но и Франција и Велика Британија да се организираат за борба и одбрана.

Во Првата светска војна со свои војски учествувале 30 земји. Загинаа 8,5 милиони луѓе, а 21,2 милиони беа повредени.