Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев придружуван од министерот за култура, Асаф Адеми, синоќа на сцената на Младинскиот културен центар во Скопје го отвори дванаесеттото издание на Меѓународниот театарски фестивал – Скупи Фестивал.
Театарскиот фестивал со свое обраќање го отвори премиерот Зоран Заев, кој истакна дека со претставите на седум театарски ансамбли од регионот и од Европа, претстои уште едно фестивалско издание како поглед кон театарските текови преку прикажување на иновативни, храбри и прогресивни претстави, како во театарскиот израз, така и во способноста да поттикнат критичко размислување кон општествените и социјалните предизвици.
„Ова мое обраќање е повеќе покана, вечерва, и во наредните шест фестивалски вечери, да бидете сведоци, па дури и актери на театарската магија како прекрасен чин на љубов и страст.
Тоа се енергиите на театарот, на актерите, на режисерите, на сценографите, на музичарите, на танчерите, на работниците зад сцената.Љубовта и страста, како суштини на театарот, прават тој да се движи, осветлува и просветлува, да прашува и да се прашува, да вознемирува, да го крева духот, да открива, да провоцира и да крши конвенции. Театарот е разговор со општеството. Театарот е првата уметност и единствената алхемија која од сенки и тишина прави зборови, движење, светло и живот“, нагласи премиерот Заев во своето обраќање и додаде дека секоја театарска претстава е како Феникс. Се издига пред очите на публиката во еден миг, живее на сцената, и се окончува со спуштањето на завесата, за повторно да се издигне во наредната изведба.
Обраќање на Меѓународниот театарски фестивал имаше и министерот за култура, Асаф Адеми кој ја истакна потребата за институционалната поддршка на овој тип на културни настани.
„Како министер за култура би сакал да го изразам моето уверување дека Министерството за култура и во иднина ќе го поддржува опстојувањето на овој фестивал кој е голем придонес во унапредувањето на соработката со театрите од регионот но, и генерално во продлабочувањето на културните врски со другите држави“, рече во своето обраќање министерот Адеми, на отворањето на дванаесеттото издание на Меѓународниот театарски фестивал – Скупи Фестивал.