Премиерот Заев на билатерална средба и работен ручек со високата претставничка на ЕУ, Могерини: Поздравени се храбрите, инклузивни и лидерски политики на премиерот Заев и Владата, што водат кон евроинтеграција и стабилност на Македонија и регионот

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, при работната посета на Брисел денеска имаше и билатерална средба со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, а потоа учествуваше и на работниот ручек што го организираше високата претставничка Могерини со лидерите на државите од Западен Балкан. 

На средбата на премиерот Заев со претставничката на ЕУ, Могерини,  констатирано е дека Македонија се врати на правиот пат кон ЕУ и направи многу исчекори напред во евро интеграцискиот процес.

 

 

Поздравени се храбрите и инклузивни, лидерски политики на премиерот Заев и на Владата, за успешно затворање на прашањата со соседите, реформскиот процес преку зацртаниот План 18, како и донесувањето на Законот за амнестија, што треба да го помогне процесот на помирување и да го обезбеди владеењето на правото.

На средбата е потенцирана и важноста од успешно заокружување на процесот во Парламентот на гласање на уставните амандмани и за реализација на Договорот од Преспа, како и важноста  од имплементација на клучните реформи, посебно во правосудството, со цел отпочнување на преговорите со ЕУ во јуни 2019 година.

- За нас како Република Македонија, 2018 година беше во знакот на решавање на крупните прашања со соседите, суштински реформи во клучните области и целосно одблокирање на нашиот пат кон НАТО и ЕУ. Република Македонија искористи максимум од можностите за надоместување на изгубеното време, а Владата направи сè во нејзина моќ за да ги возобнови стабилноста, кредибилитетот и просперитетот на нашата држава. Мотивирани сме од вашата поддршка, како и досега и тоа е наш поттик, да истраеме во процесот на реализација на Договорот од Преспа и за уште посилна посветеност на имплементација на суштинските реформи, рече премиерот Заев на средбата.

Премиерот Заев ѝ се заблагодари и на европската претставничка Могерини, како и на претседателот на Европскиот Совет, Туск, за поддршката што ја доби Македонија во 2018 година, за Стратегијата на Европската комисија за Западен Балкан со којашто е дадена јасна перспектива за членство во ЕУ, за Самитот во Софија на тема ЕУ и Западен Балкан и за заклучоците на Европскиот совет во јуни 2018 година, со коишто се отвора патот за почеток на преговорите за членство во јуни 2019 година.

Премиерот Заев изрази надеж и желба таа поддршка да продолжи и во 2019 година, кога уште повеќе ќе ѝ биде потребна на Македонија.

- Знаеме дека 2019 година нема да е лесна ниту за ЕУ, имајќи ја предвид состојбата со Брегзитот и европските избори во мај 2019 година, но остануваме посветени на партнерството на ЕУ и како Република Македонија и во рамки на активностите на земјите членки од Западен Балкан, рече премиерот Заев на работниот ручек.

На регионалната средба на лидерите од Западен Балкан, се разговараше за актуелните политички случувања во регионот, за успесите и предизвиците во 2018 година, како и за очекувањата во претстојна 2019 година. Споделени се ставови за регионалната соработка, посебно за нејзино интензивирање на економски план. Заеднички е ставот дека стабилен и економски развиен регион интегриран во ЕУ е интерес и на Балканот и на Европската Унија.