Влегуваме во важен период во кој очекуваме сериозни исчекори напред кон реализација на една од нашите суштински стратешки цели-членството во Европската Унија, во кој со право очекуваме одлука за почеток на пристапните преговори во претстојните месеци после 15 години во чекалната со статус држава-кандидат за членство, истакна Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски на денешната заедничка прес конференција со еврокомесарот за соседска политика и за проширување Оливер Вархеји, кој денеска е во еднодневна работна посета на нашата земја.
Премиерот Спасовски и еврокомесарот Вархеји во Владата имаа тет-а-тет средба, по што ги предводеа разговорите на билатералната средба на делегациите на Владата на Северна Македонија и на Европската Комисија.
„Со ништо нема да го загрозиме постигнатото поради што добивме и признание од Европската Комисија минатата година кога на Европскиот Совет му беше препорачано итно и безусловно стартување на пристапните преговорите. Препораката дојде како резултат на успешно спроведените темелни реформи и како резултат на храбрите одлуки за решавање на недоразбирањата со нашите соседи кои нашите аспирации за членство во ЕУ ги направија реалност. Ја очекувавме најавената одлука во октомври минатата година откако нашата земја направи сѐ што се очекуваше за да ги стартуваме преговорите“, рече премиерот Спасовски не прес конференцијата.
Иако доживеавме разочарување, нагласи Спасовски, прифативме дека стратегиската грешка ќе биде поправена бргу и дека нашите резултати ќе бидат валоризирани според заслуженото иако со одложување.
Тој изрази благодарност за јавните изјави на претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лејен и на Комесарот Вархеји дека одлуката за почеток на пристапните преговори треба да се донесе што поскоро и дека програмата на новата Европска комисија претставува нова, голема надеж за државите од Западен Балкан и зајакнување на нашите позиции како идни членки на ЕУ.
„Европската Комисија отсекогаш била, и останува наш прв, искрен и чесен сојузник во нашите настојувања за приближување кон ЕУ. Го сметаме процесот за постигнување на стандардите на ЕУ за особено значаен и токму затоа влеговме со уште посилна мотивација за спроведување на реформите. За нас е од особено значење што Европската Комисија по Европскиот Совет во октомври 2019 година, ја презеде обврската до крајот на овој месец да биде презентиран документ со предлог за изменета методологија за водење на пристапните преговори“ потенцираше претседателот на Владата Оливер Спасовски.
Тој истакна дека нашата земја е заинтересирана што побрзо да се објави методологијата и да се постигне консензус за отворање на преговорите час поскоро.
Премиерот Спасовски на прес конференцијата рече дека го информирал еврокомесарот Вархеји за подготовките за фер, демократски и успешни парламентарни избори.
„Нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога се очекува непречено функционирање на сите институции на државната власт. Ова е период во кој до максимален израз треба да дојде личната и институционална политичка и професионална одговорност, и да се даде најдобриот придонес за доброто на граѓаните и за развојот и напредокот на Северна Македонија и да се следат внимателно одлуките на Европскиот совет поврзани со почетокот на преговорите за членство во Европската Унија за да не се доведат во ризик“, нагласи Спасовски, и додаде дека сите политички фактори кои учествуваат во Владата треба да бидат на висина на задачата и одговорноста која ја имаат во преодната Влада до предвремените парламентарни избори на 12 април 2020 година.
Еврокомесарот за соседска политика и за проширување Оливер Вархеји на прес конференцијата потврди дека проширувањето на ЕУ за новата Комисија е приоритет и дека нивна оценка е дека Северна Македонија и Албанија се се подготвени за преговори. Тој додаде дека ќе се настојува одлуката за тоа да биде донесена со новата методологијата пред самитот во Загреб, која ќе биде објавена заедно со економски план за поддршка на регионот за да се започне процес за намалување на разликата на животните стандарди на земјите од регионот со земјите членки на ЕУ.
Вархеји потенцираше Република Северна Македонија покажа напредок и постојана динамика на реформите и дека како награда за функционалното искористување на фондовите на ЕУ, тој му предложил на Европскиот Парламент да ја награди земјата со 50 милиони евра за поддршка на спроведување на реформите.
Ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Спасовски во целост:
Денеска во име на Владата и во мое лично име, му посакав топло добредојде на нашиот гостин, еврокомесарот Оливер Вархеји. Ова е негова прва посета на нашата земја од неговото стапување на должноста еврокомесар за соседска политика и проширување на Европската Унија во Европската Комисија.
Убeден сум дека нашите средби и комуникација ќе добијат на интензитет зашто влегуваме во важен период во кој очекуваме сериозни исчекори напред кон реализација на една од нашите суштински стратешки цели – членството во Европската унија.
Искрено се надеваме, и со право очекуваме, остварувањето на оваа наша голема цел да започне со одлука за почеток на пристапните преговори во претстојните месеци после 15 години во чекалната со статус држава-кандидат за членство.
Со ништо нема да го загрозиме постигнатото поради што добивме и признание од Европската Комисија минатата година кога на Европскиот Совет му беше препорачано итно и безусловно стартување на пристапните преговорите.
Препораката дојде како резултат на успешно спроведените темелни реформи и како резултат на храбрите одлуки за решавање на недоразбирањата со нашите соседи кои нашите аспирации за членство во ЕУ ги направија реалност.
Ја очекувавме најавената одлука во октомври минатата година откако нашата земја направи сѐ што се очекуваше за да ги стартуваме преговорите.
Иако доживеавме разочарување, прифативме дека стратегиската грешка ќе биде поправена бргу и дека нашите резултати ќе бидат валоризирани според заслуженото иако со одложување.
Благодарни сме за јавните изјави на претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лејен и на Комесарот Вархеји дека одлуката за почеток на пристапните преговори треба да се донесе што поскоро. Програмата на новата Европска комисија претставува нова, голема надеж за државите од Западен Балкан и зајакнување на нашите позиции како идни членки на ЕУ.
Европската Комисија отсекогаш била, и останува наш прв, искрен и чесен сојузник во нашите настојувања за приближување кон ЕУ. Очекуваме ова сојузништво да продолжи и со новиот состав на Европската Комисија. Го сметаме процесот за постигнување на стандардите на ЕУ за особено значаен и токму затоа влеговме со уште поголема мотивација за спроведување на реформите.
За нас е од особено значење што Европската Комисија по Европскиот Совет во октомври 2019 година, ја презеде обврската и под водство на нашиот гостин, новиот Комесар за соседска политика и пристапни преговори Вархеjи, до крајот на овој месец ќе биде презентиран документ со предлог за изменета методологија за водење на пристапните преговори.
Северна Македонија е заинтересирана што побрзо да се објави методологијата и се надева дека предлогот ќе ги задоволи барањата и очекувањата на Франција и дека тој документ ќе ги вгради и ставовите на земјите членки кои беа и останаа пријателски настроени кон проширувањето и кои немаа ништо против тоа да започне уште во октомври минатата година.
Се разбира, наш интерес е да се избегнат нови несогласувања и да се постигне консензус за отворање на преговорите час поскоро. За нас е клучно подобрувањето на методологијата за преговори и донесувањето на одлуката за почеток на преговорите со Северна Македонија бидат одвоени, но комплементарни процеси.
За време на нашата средба го информирав еврокомесарот Вархеји за работата на преодната Влада и за подготовките за фер, демократски и успешни парламентарни избори.
Нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога се очекува непречено функционирање на сите институции на државната власт.
Ова е период во кој до максимален израз треба да дојде личната и институционална политичка и професионална одговорност, и да се даде најдобриот придонес за доброто на граѓаните и за развојот и напредокот на Северна Македонија.
Ова е време кога е треба да се организираат фер и демократски избори. Да се завршат потребните активности за полноправно членство на нашата држава во НАТО и да се следат внимателно одлуките на Европскиот совет поврзани со почетокот на преговорите за членство во Европската Унија и никако да не се доведат во ризик.
Треба да ни биде јасно дека секоја постапка, секоја изјава, која ги доведува под прашање остварените достигнувања во односите со соседите и нашите домашни и меѓународни обврски, ја загрозуваат и ја ставаат под прашање и нашата евро-атлантска перспектива за која одамна имаме национален консензус.
Искрено се надевам дека сите политички фактори кои учествуваат во Владата ќе бидат на висина на задачата и одговорноста која ја имаат во преодната Влада до предвремените парламентарни избори на 12 април 2020 година.