Владина делегација во Крива Паланка: Во интерес на граѓаните капиталните проекти продолжуваат и покрај корона-кризата, во новата реалност така се помага и економијата

Претседателот на Владата Оливер Спасовски, заедно со заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, денеска, беа во работна посета на Крива Паланка, која ја започнаа со средба со градоначалникот  Борјанчо Мицевски и претставници на Советот.

На средбата се разговараше за тековните активности и развојот на Општината и детално беше даден преглед на градежните активности кои се преземаат моментално, со запознавање на детали од планираните активности кои ќе започнат наскоро.

Владината делегација, заедно со домаќините од Крива Паланка извршија увид во отпочнувањето на реконструкцијата на градскиот плоштад и парк, и извршија обиколка на една од градинките во центарот на градот, која во наредниот период ќе се надградува со уште еден кат со што ќе се прошири постоечкиот капацитет за уште најмалку 100 деца.

Истакнувајќи дека градежната офанзива не престанува и во корона-кризата, премиерот Спасовски во изјавата за медиумите истакна:

„Градиме инфраструктура за сите, во вонредни околности со проекти од значење на локално, регионално и национално ниво. Во оваа нова реалност, на тој начин ја помагаме економијата во многу важен период“.

Подвлекувајќи дека денеска се означува почетокот на капиталниот проект „Реконструкција на Градскиот Плоштад и Градскиот Парк“, како дел од поголемиот проект „Крива Паланка - Источна порта на Европа (Фестивалска туристичка атракција)“, Спасовски нагласи дека се работи за грант од Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија ИПА 2 и кофинансирање од страна на Владата на Република Северна Македонија, администриран од страна на Светската Банка преку доверителски фонд, и со учество на Општината.

Премиерот подвлече дека вкупната вредност на проектот изнесува 662.000 евра, а крајниот рок за реализација на проектот е 20ти ноември оваа година, кога граѓаните на Крива Паланка ќе добијат градски плоштад и градски парк каков што му доликува на еден европски град кој го носи атрибутот „Источна порта на Европа“.

„На местото на хаосот, и на непланските и лошо изработени проекти, кои не можеа да се реализираат, ние имаме спротивен пристап. Европски пристап“, додаде премиерот Спасовски.

Градоначалникот Мицевски во изјавата за медиумите подвлече дека секој градски плоштад е срцето на градот и токму затоа општината се посвети заедно со паркот да направи пристојна, европска градска инфраструктура во која граѓаните на Крива Паланка ќе се релаксираат и ќе го минуваат слободното време. Тој најави повеќе проекти, кои ќе бидат започнати наредниот период и подвлече дека локалната самоуправа и во иднина ќе работи конзистентно и ќе продолжи да ја модернизира Општината, која до пред неколку десетици години беше една од најнеразвиените во регионот.

Премиерот Спасовски, заедно со претставниците на Министерството за труд и социјална политика Шкријељ и Бајрактар, придружувани од градоначалникот Мицевски, извршија обиколка и на градинката „Детелинка“-клон 2, каде ќе започнат градежни активности за проширување и доградба на уште еден спрат.

Во разговорите со раководството на градинката и претставниците на локалната самоуправа, членовите на Владата изразија задоволство од исполнувањето на зацртаните планови на актуелната Влада за градење инфраструктура и објекти за ран детски развој најавувајќи дека обезбедувањето на средства за капитални проекти ќе продолжи и во иднина, бидејќи тоа не е инвестиција само во објекти, туку и вложување во децата, кои се иднина на оваа земја.

„Оваа Влада плански гради инфраструктура за детска заштита и воспитување. Во изминатиот период инвестиравме во 44 градинки и објекти за ран детски развој и создадовме услови за квалитетно сместување на 3.000 предучилишни деца. Дополнителни 15 милиони евра се обезбедени за нови инклузивни и енергетски ефикасни градинки кои ќе значат нови 7.500 места за згрижување на деца во градинки“, информираше заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар, и додаде дека продолжува реализацијата на капиталните проекти, затоа што тоа не е само инвестиција во објекти, туку пред се вложување во децата на оваа земја.

Дополнителната заменичка министерка Санела Шкријељ, оцени дека Владата исполнувајќи ја примарната цел, искоренување на детската сиромаштија и обезбедување еднаква шанса за секое дете, се посвети на овозможување на сите деца еднаков пристап до образование уште од раното детство, без оглед дали се од урбани или рурални средини.

„Ова е Влада што навистина инвестира во иднината на оваа земја. Затоа го зголемуваме бројот на предучилишни установи, но истовремено имплементираме и висококвалитетни програми за образование во раното детство. На тој начин кај децата градиме темели на кои успешно ќе ги надоградуваат натамошните знаења и вештини. Квалитетно предучилишно образование подразбира и мотивиран стручен кадар и затоа со реформите направивме историско зголемување на платите на воспитувачките за 27 проценти, или во просек платите им пораснаа за околу 5.800 денари во нето износ“, подвлече Шкријељ, додавајќи дека зголемениот опфат на децата во предучилишните установи истовремено овозможува активација на нивните мајки на пазарот на трудот и со ова се покажува дека Владата се грижи за сите подеднакво.
 


 
Премиерот Спасовски во Крива Паланка: Градиме за да ни се развиваат градовите, селата, за да ни се чисти реките што ги напојуваат нивите, за здрава и вкусна храна и за конкурентен производ на европскиот и другите пазари

 

Претседателот на Владата Оливер Спасовски, заедно, со заменик- министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, денеска, беа во работна посета на Крива Паланка.

По извршениот увид во отпочнувањето на градежни работи за реконструкција на Градскиот плоштад и Градскиот парк, премиерот Спасовски истана дека кризата предизвикана од пандемијата со корона вирусот не ја попречи реализацијата на капиталните инвестиции, туку напротив, капиталните проекти продолжија да се изведуваат и тоа со забрзана динамика.

Во продолжение ви ја пренесуваме интегрално, изјавата на премиерот Спасовски:

„Градиме инфраструктура за сите, во вонредни околности со проекти од значење на локално, регионално и национално ниво.

Во оваа нова реалност, на тој начин ја помагаме економијата во многу важен период.

Денеска сме во Крива Паланка за да го означиме почетокот на капиталниот проект „Реконструкција на Градскиот Плоштад и Градскиот Парк“.

Ова е само еден дел од поголемиот проект „Крива Паланка - Источна порта на Европа (Фестивалска туристичка атракција)“.

Се работи за грант од Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија ИПА 2 и кофинансирање од страна на Владата на Република Северна Македонија, администриран од страна на Светската Банка преку доверителски фонд, и со учество на Општината.

Вкупната вредност на проектот изнесува 662.000 евра.

Крајниот рок за реализација на проектот е 20–ти ноември оваа година, и тогаш граѓаните на Крива Паланка ќе добијат градски плоштад и градски парк каков што му доликува на еден европски град кој го носи атрибутот „Источна порта на Европа“.

И овој проект на Општината, во соработка со Владата и со Европската Унија говори за позитивниот и конструктивен пристап кој во својот центар на внимание ги има граѓаните.

На местото на хаосот и на непланските и лошо изработени проекти, кои не можеа да  се реализираат, ние имаме спротивен пристап.

Европски пристап.

Новиот Градски плоштад  и Градскиот парк ќе им овозможи на граѓаните на Крива Паланка и на граѓаните од Општината, пристојна, европска градска инфраструктура за средби, релаксирање и размена на идеи.

Инвестираме во иднината и во самоодржливоста.

Инвестираме во зелената инфраструктура и ги менуваме застарените и дотраени објекти со нови кои овозможуваат подобри перформанси.

Градиме за да ни се развиваат градовите, селата, за да ни се чисти реките што ги напојуваат нивите, за здрава и вкусна храна на домашната трпеза, и за конкурентен производ на европскиот и другите пазари.

Повторно ќе нагласам: Во изминатите три години, Владата предводена од СДСМ, и оваа техничка влада, како свој врвен приоритет ги имаат граѓаните, човечките ресурси и потенцијали на нашата земја.

Таа грижа започнува уште од раниот детски развој.

Затоа во целата земја имаме широка градежна офанзива за изградба на нови и за реконструкција на постоечките градинки.

И во Крива Паланка, после 40 години, за првпат заврши реконструкцијата на градинката „Детелинка“, таканаречена клон 1.

Со средства од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги, со заеднички средства обезбедени од Министерството за труд и социјална политика, на Општина Крива Паланка и на Фондацијата Отворено општество беа реновирани неколку простории - занимални и истите беа опремени со соодветни реквизити.

Со овие реконструкции се зголеми капацитетот за сместување на околу 200 дечиња, а во најскоро време ќе отпочнат градежните активности за надградба на нов кат на објектот на „Детелинка“ - клон 2 во централното градско подрачје, за сместување на дополнителен број на дечиња и во овој објект.

Да завршам, посетата на Крива Паланка е уште една потврда дека успешно ја спроведуваме долгорочната стратегија за изградба на инфраструктура, која ќе остане и за идните поколенија дури и во вонредни околности.

На претставниците на Општината, на сите работници, учесници во градежните работи им посакувам успешна работа и уште еднаш ги повикувам сите да ги почитуваат мерките за заштита на своето здравје“.