Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска оствари работна посета на Општина Гази Баба и увид во работите на фекална канализација во Трубарево и увид во градежните работи на изградба на вакуум канализација во Јурумлери.
Во изјавата за медиумите, премиерот Спасовски истакна дека Владата на Северна Македонија успешно ја спроведува долгорочната стратегија за изградба на инфраструктура која ќе остане и за идните поколенија дури и во вонредни околности.
„Кризата предизвикана од пандемијата не ги попречи капиталните инвестиции. Спротивно на тоа, капиталните проекти продолжија со изведба и тоа со забрзана динамика. Градиме инфраструктура за сите, во вонредни околности, почитувајќи ги мерките за заштита. Тоа е новото нормално, на овој начин и помагаме на економијата во многу важен период. За три години изградивме повеќе од 300 километри атмосферска канализација во сите општини во државата. Интензивно и во услови на корона криза се работи на локалната инфраструктура во фаза во која е отпочната изградба на дополнителни 500 километри водоводи и канализации за што обезбедивме 100 милиони евра за сите општини во Република Северна Македонија“, истакна премиерот Спасовски.
Тој образложи дека во Трубарево, заедно со Општината која од своја страна инвестираше 80 милиони денари, е ставена во функција фекалната канализација и после 17 години на граѓаните им е обезбеден приклучок кон примарната мрежа.
„Вкупната должина на мрежата е 13 километри, со изградени 3 нови препумпни станици, а уште една препумпна станица ќе се гради во Чукур маало. Изградени се 400 нови шахти за приклучок кон примарната мрежа. Ги поврзавме левата и десна страна на Трубарево во една колекторска линија која води кон населеното место Гоце Делчев, која претходно не беше воопшто поврзана. Со овие капитални проекти работиме директно за решавање на децениските проблеми кои овие населени места ги имаа, обезбедувајќи им конечно фекална мрежа. Населеното место Јурумлери е единственото населено место во нашата земја и во регионот кое конечно доби иновативна вакуум фекална канализациона мрежа. Ова е сложен проект бидејќи самата местоположба на ова населено место и подземните води налагаа изградба на посебен вакуум систем на канализациона мрежа. Проектот за реализација на вакуум станицата се реализира со средства на општината, на Светска Банка и на Владата. Изградени се и 3.100 метри примарна мрежа и поставени се 68 примарни шахти“, го објасни проектот премиерот Спасовски.
Тој прецизираше дека дополнително со средства на Светска банка, во висина од 72 милиони денари, се гради нова пречистителна станица кај реката Вардар, како втората фаза од проектот и со третата фаза ќе се заокружи овој голем капитален проект на целата територија на населеното место Јурумлери.
„Со овој проект јамите стануваат минато. Решаваме уште еден голем проблем кои со години ги мачеше жителите на ова населено место. Она што е за поздравување е што при изградбата на овој голем проект општината не барала самопридонес во стотици евра од граѓаните, како што било пракса во минатото. Единствен трошок на граѓаните е приклучокот од нивниот дом до примарната линија“, акцентираше премиерот Спасовски.
Тој потенцираше дека проектите не завршуваат тука и објасни дека паралелно со овие населени места се работи и на изградба на водоводна мрежа во Раштак и Булачани, изградба на водоводни линии во Ченто и Стајковци и најави наскоро почнување на фекална мрежа во Смилковци.
„Проекти се работат и за населените места Црешево и Страчинци, каде се планира изградба на фекална мрежа. Инвестираме во најнеопходните работи за современа држава – инфраструктурата. Инвестираме во иднината и во самоодржливоста. Градиме за да ни се развиваат еднакво сите приградски населени места. За да ни се чисти реките што ги напојуваат нивите, за здрави и вкусни македонски земјоделски производи и храна. По целата земја градиме пречистителни станици, за да си ги исчистиме реките. Ги чистиме водите кои ни ги напојуваат плодните земјоделски полиња. Инвестиравме во колекторскиот систем во Охрид, за да си го зачуваме драгоценото Охридско езеро. Вложуваме во градење на регионалните депонии за отпад. Да си ја исчистиме почвата од ѓубре. Ова е сериозен, чесен и одговорен пристап. Градиме домаќински за сегашните и идни генерации“, финално истакна премиерот Спасовски.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски потенцираше дека пред две и пол години наследивме населени места кои немаа чиста вода за пиење или канализациона мрежа и со посветена работа и поддршка од Владата успеавме да започнеме со решавање на овие децениски проблеми кои ги мачеа граѓаните.
„Денес по цели 17 години ја ставивме во функција фекалната канализација во Трубарево. Од вкупно 13 километри проектирана фекална мрежа, до сега изградена е 10 километри примарна и секундарна фекална мрежа. Изградивме нови 3 препумпни станици, а уште една треба да се изгради во Чукур маало. Изградивме нови 400 шахти за приклучок на домаќинствата кон примарната мрежа. Оваа година со буџетот обезбедивме 8 милиони денари за изградба на фекална мрежа на 8 краци во должина од 1.285 метри“, истакна Георгиевски.
Георгиевски објасни дека е извршен и голем зафат за прекоп под пругата со што се овозможуваат услови за изградба на фекална канализација и во населеното место Гоце Делчев.
„Во Јурумлери пак ја работиме изградбата на вакуум канализационата мрежа, која е единствена во нашата земја и регионот. Овој проект го реализираме во неколку фази со средства на општината, Светска банка и Владата. До сега реализирана е првата фаза од проектот, односно изградена е вакуум станицата, изградена е 3.100 метри примарна мрежа и поставени се 68 примарни шахти, во вредност од 30.500.000 денари средства на општината. Веќе се работи на втората фаза од проектот кои го работиме со средства од Светска банка во висина од 72 милиони денари. Оваа фаза предвидува изградба на нова пречистителна станица кај реката Вардар, како и примарна мрежа до вакуум станица и примарна мрежа во Дунак маало. Третата фаза пак го опфаќа преостанатиот централен дел на населеното место Јурумлери. Со што целото населено место ќе добие функционална канализациона мрежа, а јамите стануваат минато. Изградбата на вакуум канализационата мрежа е сложен проект. Сите вакуум шахти се изработуваа рачно и бараат поголем период на реализација, за што барам разбирање од граѓаните“, истакна Георгиевски.
Тој силно акцентираше дека Општина Гази Баба тука не застанува.
„Имаме обврска да ги решиме сите инфраструктурни проблеми на граѓаните кои со години ги мачат. Паралелно со овие проекти работиме и на изградба на водоводна мрежа во Раштак и Булачани. Наскоро почнува изградбата на фекалната мрежа во Смилковци, а во завршна фаза се и проектите за фекална канализација во Црешево и Страчинци. Затоа сум благодарен на Владата затоа што не ја заборави Општина Гази Баба и дава поддршка во реализацијата на овие проекти кои се во директен интерес на граѓаните“, финално истакна Георгиевски.