Денеска се одржа конститутивна седница на Комитетот за земјоделство, безбедност на храна, ветеринарство и фитосанитарна политика со кој претседава, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.
Премиерот Заев посочи дека ова владино тело е во целосна функција за креирање на системски решенија за примена на позитивни европски практики, кои ќе придонесат за предвидлив и поволен деловен амбиент за одржливо и продуктивно земјоделство.
На седницата на Комитетот се отворија повеќе теми од секторот земјоделство, за коишто беа презентирани идни мерки и активности. Во фокус на дискусијата беше начинот и постапките за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост, што е од исклучителна важност за земјоделците. Купувањето на земјиштето значи можност за нови инвестиции и производство, што ќе влијае на развојот на земјоделството и вкупната економија.
На оваа седница една од точките беше и воспоставување на концептот за развој на земјоделски осигурителен пул, кој согласно европските практики ќе придонесе за зголемување на процентот на земјоделското осигурување, што е од големо значење во услови кога има штети.
Дополнително се дискутираше за редизајнирање на интегрираниот административен контролен систем (ИАКС), во функција на спроведување ефикасни политики за имплементирање и мониторинг на мерките за директни плаќања и рурален развој.
Од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство беше презентирана информација за превенција од евентуални опасности од африканската свинска чума и болеста син јазик, која што влијае врз намалување на добиточниот фонд.
На седницата на Комитетот учествуваа и вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство, за здравство, за животна средина и просторно планирање, за финансии, за труд и социјална политика, заменик - министерот и државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и директорите на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, на Агенцијата за храна и ветеринарство, на Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството, Државен инспекторат за земјоделство, Фитосанитарна управа, ЈП Македонски шуми, ЈП за стопанисување со пасишта и на АД Водостопанство.
Беше заклучено дека во континуитет ќе се следат светските трендови во земјоделството и согласно тоа ќе се креираат соодветни мерки за унапредување на домашното земјоделство.