Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, денеска ја посетија текстилната компанија „Текстил Солушн“ во Скопје.
„Оваа денешна посета беше одлична можност да поразговараме и со работниците, но и со работодавачите за постигнатиот договор за зголемување на минималната плата која од март ќе изнесува 18.000 денари. За голем дел од вработените во „Текстил Солушн“, повисоката нето плата за околу 45 евра ќе значи зголемување на домашниот буџет, а со тоа и зголемување на животниот стандард. Од друга страна пак, за менаџментот на компанијата е од огромна важност фактот што државата ќе го субвенционира делот врзан за придонеси, со што се олеснува процесот, за сите засегнати страни”, изјави премиерот Ковачевски по обиколката на производствениот капацитет на компанијата, која е континуитет на ,,Златекс”, извозно ориентирана фирма која на пазарот постои повеќе од 30 години.
Ковачевски посочи дека е дефинирано висината на минималната плата да не може да биде пониска од 57% од просечната плата, оценувајќи дека заедничкото решение за повисока минимална плата и за методологијата со која таа континуирано ќе расте е резултат на отворен дијалог и меѓусебно разбирање. Тој изрази задоволство од постигнувањето на овој договор, со кој 80.000 работници во земјата ќе имаат право на минимална плата од 18.000 денари, која е повеќе од двојно зголемена, ако се спореди со 2014 година кога изнесуваше 8.800 денари.
Тој констатираше дека Владата продолжува со уште посилен интензитет да ја помага економијата и да создава услови за раст на платите, што значи унапредување на животниот стандард, што е потврдено и со бројките за раст на просечната нето плата, зголемената социјална помош, детскиот додаток, образовниот додаток, стипендиите, како и редовното законско усогласување на пензиите.
„Веќе имавме едно зголемување на пензиите во јануари оваа година од 2,9% со усогласувањето. Започнавме анализи за дополнително покачување и наскоро може да очекуваме големо зголемување на пензиите“, рече Ковачевски кој разговараше со раководството на компанијата и вработените, додавајќи дека Владата останува фокусирана на финансиската поддршка и е стабилен партнер за подобрување на деловниот амбиент и остварување на визиите на стопанствениците.
Генералната менаџерка на компанијата, Маријана Ацески - Томоска, во своето обраќање изрази уверување дека ќе биде реализирано зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари, оценувајќи ги позитивно отворениот дијалог и напорите на Владата за подобрување на деловниот амбиент, притоа поздравувајќи ја и финансиската поддршка на Владата, која се обезбедува преку Фондот за иновации и технолошки развој, а која отвора можности за освојување на нови пазари и економски раст.
Компанијата „Текстил Солушн“, која се занимава со производство на специјален тип на заштитна облека, наменет исклучиво за извоз на европскиот пазара, има вкупно 80 вработени, а дел од нив земаат минимална плата. Покрај покачувањето за нив, мерката ќе влијае позитивно и на останатите плати, особено на продуктивноста, беше посочено од еден од вработените во компанијата, Полико Авдиу.
Авдиу, кој работи како шивач 8 години во оваа компанија, нагласи дека бидејќи работел и во Германија претходно, од каде се вратил за да живее и работи дома, може да направи споредба и оцени дека условите за работа постојано се подобруваат, како во однос на унапредување на технологијата на машините, така и во насока на зголемување на платата, со што се подобрува куповната моќ и стандардот за живеење.
Присутните на денешниот настан, оценија дека владините мерки се во насока на обезбедување достоинствен живот на работниците и ќе влијаат позитивно и на останатите плати во другите индустрии, со што целокупно се подобрува квалитетот на живеењето во земјата. Целта е да се обезбеди просперитет на сите категории граѓани, развој на стопанството и да се обезбеди подобар стандард и желба да се работи во земјата.