Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на седницата во Парламентот за избор на заменици-министри.
„Ја барам довербата за избор на нови заменици-министри. Останувам доследен на мојот принцип за предлагање компетентни и работливи личности, со интегритет. Уверен сум дека сите ја имаат потребната мотивација посветено да се вложат во имплементацијата на владината Програма којашто Вие ја поддржавте“, рече премиерот Ковачевски.
Тој порача на новите заменици-министри дека нивните назначувања на заменик-министерската позиција не значи права, туку обврска и одговорности.
„Барам и очекувам ефикасно, навремено и чесно да ја вршите вашата работа. Тоа е обврска на секој владин службеник. Ќе ја следам вашата работа и резултати“, нагласи премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата рече дека „врвен приоритет останува ефикасното и одговорно владеење, со фокус на решавањето на клучните проблеми коишто ги засегаат граѓаните“.
„За помалку од месец, покажавме како се работи брзо, ефикасно, квалитетно и одржливо. Имаме високо динамично темпо на работа, во којашто барам резултати. Верувам дека го делите моето објективно мислење дека Владата оствари одличен старт. Сите преземени и најавени обврски, согласно роковите и приоритетите ги започнавме, а дел и веќе решивме“, додаде премиерот Ковачевски.
Тој посочи дека во услови на европска енергетска криза, е направено ублажување на „ценовни шокови“ и дека Владата продолжува со задржување на ценовната стабилност, преку ограничување на цените на основните производи и со системски одговор на надворешните инфлаторни влијанија. Премиерот објасни дека растот на цената на електричната енергија е најнизок во регионот, граѓаните добиваат поддршка, а не е дозволено нарушување на снабдувањето на топлинската енергија во Скопје.
„Граѓаните треба да бидат спокојни, бидејќи Владата и понатаму ќе спроведува директни и позитивни мерки за нивна енергетска поддршка“, рече премиерот Ковачевски.
Во насока на брзото, ефикасно и конкретно решавање на потребите на граѓаните, тој ги посочи и договорот за историско највисоко ниво на минималната плата, од 18.000 денари и следните чекори за натамошни подобрувања на животниот стандард.
„Минималната плата и понатаму ќе расте на одржлив начин. Продолжуваме и со разговори за создавање на подобар начин за усогласување и пораст на пензиите“, најави премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, во истакнувањето на приоритетите на коишто се фокусирани тој и Владата, го наведе зајакнувањето на борбата против криминалот и корупцијата, за да имаме, како што рече, „правна држава за сите, без исклучок!“.
Исто така, посочи и на забрзување на процесите за имплементација на инфраструктурните проекти, пред се во делот на Коридорот 8 и Коридорот 10, како и во делот на магистралните патишта, при што повика на поддршка од општините.
„Ја користам оваа прилика, уште еднаш да побарам од општините квалитетно и навремено да ги подготвуваат проектите за инфраструктурните проекти на локално ниво, бидејќи Владата сака и има цврста намера да го подобри животот на сите граѓани, во секоја општина“, рече премиерот Ковачевски.
Во оваа прилика, премиерот Ковачевски ги информираше пратениците и за воспоставената „отворена, искрена и рамноправна соработка со премиерот Петков и со Владата на соседна Република Бугарија“.
„Нашите билатерални разговори за динамизирање на економската соработка, добрососедството и соработката продолжуваат и понатаму. Потенцирам дека историските прашања ги оставаме на решавање на стручната историска фела. Граѓаните да бидат спокојни дека од црвените линии за заштита на нашиот идентитет не отстапуваме. Но, посветено работиме што побрзо да бидеме дел од европското семејство, а граѓаните да имаат европски животен стандард и перспектива“, рече Ковачевски.
Истовремено, премиерот Ковачевски, побара одговорно однесување од опозицијата.
„Недозволиво и неприфатливо е која било политичка партија да генерира низок и евтин политички маркетинг и лажен патриотизам. За мене, за сите наши предци и поколенија нема дилеми, дека Гоце Делчев е еден од столбовите на македонската борба за самостојна и независна држава и неговите мошти ќе почиваат во Скопје. Неговото дело е и ќе биде целосно запаметено и одбележувано. Затоа, декларации и слични форми на политички фолклор и политиканство, во најблага форма се неприфатливи и покажуваат сериозна дилема за нашето минато кај опозиционата политичка партија којашто тоа го прави“, оцени премиерот Ковачевски.
Во заокружувањето на обраќањето, премиерот Ковачевски потсети дека не прави селекција на луѓето по партиска, етничка, родова или друга субјективна линија, но исто така не прaви и компромиси, исклучоци и оправдувања.
„Сакам да ги уверам сите граѓани дека владиниот тим посветено и одговорно ќе продолжи да работи. Ве уверувам и сакам заедно да го споделиме оптимизмот и вербата за подобро време. Ве уверам дека нашите обврски и одговорности во целост ќе ги исполниме, за сите граѓани да ги остварат своите права и да живеат во подобра сегашност“, порача премиерот Димитар Ковачевски на седницата за избор на заменици-министри во Собранието на Република Северна Македонија.
За заменици-министри се предложени: Башким Хасани, за заменик на министерката која раководи со Министерството за одбрана, Назим Буши за заменик на министерот кој раководи со Министерството за внатрешни работи, Агим Нухиу за заменик на министерот кој раководи со Министерството за правда, Џабир Доко за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Фатмире Исаки за заменичка на министерот кој раководи со Министерството за надворешни работи, Филип Николоски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за финансии, Зоран Маневски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за економија, Абдулшуќур Абедини за заменик на министерот кој раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владимир Рендевски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за здравство, Лулзим Алиу за заменик на министерот кој раководи со Министерството за образование и наука, Зоран Димитровски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за локална самоуправа, Даим Лучи за заменик на министерката која раководи со Министерството за култура, Александар Бајдевски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за информатичко општество и администрација, Беким Реџепи за заменик на министерот кој раководи со Министерството за транспорт и врски и Христина Оџаклиевска за заменичка на министерот кој раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.