Премиерот Ковачевски: Со зголемена минимална плата од 18.000 денари и со повисоки пензии го поттикнуваме растот на животниот стандард

„Целта на оваа Влада е животниот стандард на граѓаните да расте. Затоа, создаваме услови за одржлив раст како на минималната, така и на просечната нето плата, а воедно се подготвуваме да отвориме дијалог за раст на пензиите“, истакна премиерот Димитар Ковачевски во изјавата за медиумите по повод посетата на текстилната компанија „Текспорт“, која повеќе од 20 години работи во земјава.
 
Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, кој за време на посетата на оваа компанија беше придружуван од министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, изрази задоволство што од март годинава, 80.000 работници, наши сограѓани ќе земаат минимална плата од најмалку 18.000 денари, што е двојно повеќе од онаа во 2014 година.
 
„Ова зголемување значи дека дел од вработените и тука во оваа компанија ќе имаат повисока нето плата за околу 45 евра, а државата е тука за да помогне во реализација на законското решение, со субвенционирање на делот врзан за придонеси, со што се олеснува процесот за сите засегнати страни“, нагласи премиерот Ковачевски.
 
Тој дополни дека со отворен дијалог се постигна историски договор за раст на минималната плата, како и методологија со која таа континуирано ќе расте.
 
„Дефиниравме дека висината на минималната плата нема да може да биде пониска од 57% од просечната плата. Ова значи дека растот на минималната плата во иднина ќе биде возможен без дополнителни интервенции и очекуваме многу брзо, таа да ја надмине и сегашната договорена сума“, посочи претседателот на Владата Ковачевски, и дополни дека верува дека решението за раст на минималната плата од 18.000 денари ќе влијае позитивно и на останатите плати во другите индустрии.
 
Во изјавата за медиумите, премиерот информираше и за започнатиот процес за изработка на методологија за одржлив раст на пензиите, како и за пакетот финансиска поддршка за пензионерите.

„Се подготвуваме да отвориме дијалог за одржлив раст на пензиите кој повторно ќе ги вклучи сите заинтересирани страни и кој ќе овозможи повисоки пензии“, истакна премиерот Ковачевски.

На посетата, премиерот упати порака до компаниите да инвестираат во нови технологии за нова продуктивност и да инвестираат во знаење согласно современите трендови за поголема заработка.