Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски ја предводи владината делегација на годинешната Минхенска конференција за безбедност која започнува утре, 18 февруари и ќе трае до недела.
Премиерот Ковачевски и членовите на делегацијата што ја сочинуваат заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерот за надворешни работи, Бујар Османи за време на тридневната работа на конференцијата ќе учествуваат на повеќе централни и придружни настани во рамките на конференциската агенда, како и на повеќе заеднички и одделни билатерални средби.
На ова 58 издание на Минхенска конференција за безбедност, која оваа година е посветена на темата „Меѓународната соработка во време на растечки кризи“ и на која учествуваат многубројни претседатели на држави, шефови на влади и министри, како и највисоки претставници на најзначајните меѓународните организации за безбедносни прашања, премиерот Ковачевски ќе оствари и средби со лидери од регионот и други високи претставници на одделни држави и меѓународни организации.
Премиерот Ковачевски, во сабота на 19 февруари, како дел од официјалната програма на Минхенската безбедносна конференција во организација на Регионалниот Совет за соработка (RCC), ќе има обраќање на дебатата за перспективите на ЕУ-Западен Балкан „Не изгледајте одвоено – исцртување на патека за ЕУ и Западен Балкан“.
Како дел од активностите на членовите на делегацијата на Владата на Северна Македонија, министерката за одбрана, Славјанка Петровска ќе има свое излагање на Панелот „Вечер посветена на иновации". Петровска ќе учествува на сесијата „Конверзација со новата германска министерка за одбрана”. Министерката за одбрана ќе учествува и на сесија посветена на контролата на вооружувањето, како и на панелот „Русија, Украина и безбедноста во Европа”, а ќе оствари и повеќе средби со министри за одбрана и воени и одбранбени авторитети.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамките на Минхенската безбедносна конференција, ќе учествува на посебен настан заедно со сите министри за надворешни работи од Западен Балкан, во организација на министерката за надворешни работи на СР Германија, Аналена Бербок. Османи ќе има свое излагање на настанот „Дупката во срцето на Европа? Назад кон Западниот Балкан" и ќе оствари повеќе средби со свои колеги од европските и воневропските држави.