Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, во рамки на учеството на Минхенската безбедносна конференција, пред почетокот на официјалната програма се сретна со премиерот на Република Косово Албин Курти.
На средбата, на која присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, двајцата претседатели на влади изразија задоволство од позитивните и конструктивни билатерални односи меѓу двете земји. Премиерите истакнаа дека соработката се остварува со негување на пријателството и блискоста меѓу двете земји и со фокус на остварување на интересите на граѓаните во двете земји, што беше потврдено и со одржувањето на заедничката седница на Владите на Северна Македонија и Косово минатата година во септември.
На средбата беше изразен заеднички интерес за евалуација на постигнатите резултати после првата заедничка седница на владите со цел утврдување на следните повисоки цели во унапредувањето на соработката. Една од идните цели во олеснување на конекциите меѓу двете држави се очекува да биде конкретизирање на интересот за отворање “One Stop Shop" брз начин на преминување на границата меѓу Северна Македонија и Косово. На полето на брзото поврзување, премиерот Ковачевски го информираше премиерот Курти и за напредокот на реализацијата на автопатскиот правец Скопје - Блаце.
Премиерот Ковачевски истакна дека економската соработка е дополнителен поттик за натамошно унапредување на билатералните односи заради фактот што Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија како една од петте држави со кои Косово остварува највисока трговска размена. Ковачевски и Курти се согласија дека за двете земји следува период на интензивирање на соработката на полето на енергетиката.
Премиерот Ковачевски нагласи дека Северна Македонија ги поддржува евроатлантските аспирации на Косово и дека сме отворени за придонес во таа насока со пренесување на искуства во сите области за кои Косово ќе искаже интерес.
Во однос на регионалните прашања, на средбата беше истакнато дека Република Северна Македонија го поддржува дијалогот Приштина - Белград во насока на постигнување конечен, взаемно прифатлив договор, со кој ќе се гарантира мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот на двете земји и на регионот во целост.