Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, на маргините на неговата работна посета на Ватикан и Рим по повод 24 мај - Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, оствари средба со премиерот на Република Бугарија, Кирил Петков.
На средбата, на која присуствуваа и министрите за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска, премиерите Ковачевски и Петков имаа конструктивен разговор не само за отворените политички прашања туку и за економската криза со која се соочува целиот свет. Истакнато беше дека Владата на Северна Македонија има јасна цел која се однесува на справување со кризата, заштита на стандардот на најранливите категории на граѓани, поддршка на компаниите за да бидат ликвидни и обезбедување на соодветни инвестиции кои ќе го покренат економскиот раст.
На средбата, премиерите Ковачевски и Петков, од ресорните министри беа информирани за разговорите на министерско ниво, за што се согласија дека е потребно истите да продолжат со цел да се дојде до документ кој би бил прифатлив за двете држави и би можел да претставува основа за решение коешто би можело да биде споделено со институциите во двете држави. Средбата се искористи и за разговор врзан за потребата од продолжување на дијалогот за деблокирање на процесот за отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
Премиерот Ковачевски во разговорот со премиерот Петков истакна дека за двете земји од најголема придобивка е процесот на пристапување да се откочи со решенија засновани на европски вредности поддржани и прифатени од двете страни со почитување на достоинството на граѓаните.