Премиерот Димитар Ковачевски на вториот ден од Самитот на Отворен Балкан во Белград, заедно со лидерите од регионот и со министрите за транспорт и врски Благој Бочварски, за правда Никола Тупанчевски, заменик-министерот за Информатичко општество и администрација Александар Бајдевски, директорите на ТИРЗ Јован Деспотовски и на Агенција за странски инвестиции Беким Емини и членови на работните групи од сите земји, учествуваа на состанокот со Инвестициската група и Атлантскиот совет.
На состанокот се дискутираше за мерките кои се преземаат за зголемување на инвестициите во регионот.
За таа цел формирана е Регионална инвестициска околина на „Отворен Балкан“, поддржана и од Атлантскиот совет. Во фокус на разговорите беа инфраструктурното поврзување, развој на претприемништвото како и спроведување на зелената агенда Западен Балкан.
Премиерот Ковачевски истакна дека она што е важно е да се развиваат механизми за соработка и заедно да работиме на регионална конкурентност наспроти регионална конкуренција.
Во таа насока премиерот Ковачевски подвлече дека само со конкретни мерки, ќе делуваме кон подобрување и зајакнување на бизнис опкружувањето, не само на нашите национални економии, туку заедно да креираме висока додадена вредност за бизнисот во еден поширок контекст за земјите иницијатори на Отворен Балкан и сите кои сакаат да се придружат на оваа иницијатива, на патот кон ЕУ.
На состанокот, Ковачевски посочи дека нашата цел е да прераснеме во пример за конкурентен регион кој константно го зголемува својот удел во светската економија и кој ќе биде атрактивен за инвеститорите, дури и во услови на глобални превирања и економска криза од големи размери.
Премиерот Ковачевски подвлече дека за таа цел иницијативата Отворен Балкан, како и во „Берлинскиот процес“, има за цел креирање на синхронизирани политики за привлекување на инвестиции и поддршка на компании.
На состанокот беше заклучено дека вложувањата во инфраструктурата, како и моментот на приближување на синџирите на снабдување на европските компании блиску до границите на Европа, треба максимално да се искористи, бидејќи со новите инвестиции, развој на претприемништвото и иновациите ќе се зголемува извозот, ќе растат новите работни места, како и економиите во целина.