Битиќи: Агенцијата за катастар на недвижнини дава податоци кои се важни за целокупниот развој

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи заедно со директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунџев се обратија на отворањето на конференцијата организирана од Агенцијата за катастар на недвижности по повод 95 години геодетски премери и 75 години Геодетска управа.

На почетокот на своето излагање вицепремиерот Битиќи ја истакна важноста на Агенцијата за катастар на недвижности, која не е место каде што технички лица внесуваат мапи, туку е место на податоци, кое овозможува развој на сите полиња.

„Она што треба да го разбереме за Агенцијата за катастар на недвижности и нејзината дигитализацијата е дека податоците со кои располагаме имаат вредност само доколку правилно се употребат и соодветно се вкрстат, односно интраперабилноста помеѓу истите.

Продлабочувањето на знаењето за нивната вредност како и начините на нивно поефикасно собирање, вкрстување и презентирање, за да може да се искористи нивниот максимален потенцијал е есенцијално,“ рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи се осврна и на Националниот геопортал на просторни податоци, кој има за цел зголемување на транспарентноста на работата на јавниот сектор и достапноста до гео-просторните податоци до сите граѓани и стопанството.

„Со воспоставување на овој нов геопортал, со само еден клик, им овозможуваме на граѓаните, бизнисите како и на државните институции, да пристапат до мноштво гео просторни податоци, со што значително се олеснува и забрзува секој процес,“ истакна Битиќи.

Директорот Тунџев во своето обраќање се осврна на развојот на Агенцијата за катастар и подобрувањето на услугите кои ги нуди на граѓаните.

„Агенцијата за катастар на недвижности ги поедностави процедурите и сега рокот за запишување се скрати од месец и подолго на не повеќе од 1 до 2 дена, катастарските податоци се достапни на интернет, овозможен е директен пристап до податоците од катастарот за нотарите, приватните геодети, општините и останатите институции, овозможено е електронско поднесување на пријавите за запишување на промени за трансакции на имот, овозможено е електронско добивање на имотен лист, копија од катастарски план и уште многу други услуги кои нашата институција прават да функционира на принципите на легитимност, стручност, ефикасност, транспарентност, сервисна ориентираност, професионалност и одговорност,“ потенцираше Тунџев.

Дополнително, Законот за премер, катастар на недвижности и регистри и Законот за геодетска дејност, кои се во консултативен процес ќе го подобрат квалитетот на запишаните податоци во Катастарот, а со тоа обезбедување еднозначност и унифицираност на постапките, воведување нови регистри и развој на нови производи и услуги.

Со ова Агенцијата за катастар ја продолжува својата модернизација, која ќе биде во служба на граѓаните и институциите, во својот полн капацитет.