Премиерот Димитар Ковачевски предводи владина делегација во Обединети Арапски Емирати

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министрите за финансии Фатмир Бесими, за транспорт и врски Благој Бочварски и за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, се во работна посета на Абу Даби, Обединети Арапски Емирати.

Целта на посетата е директна комуникација со инвеститори и средби со претставници на инвестициски фондови за подобрување на економската активност на државата во услови на најголемата светска економско-енергетска криза.
  
Во рамки на посетата премиерот Ковачевски заедно со министрите ќе ги претстават нашите макроекономски политики, развојните цели во нашата земја како и можностите за инвестиции. За таа цел ќе остварат неколку билатерални средби со претставници на фондови, кои се продолжение на веќе остварена соработка, се со цел да се постигнат конкретни резултати.

Ќе се дискутира за можностите за искористување на развојните фондови што по поволни услови инвестираат во проекти и тоа во областите, инфраструктура, агро-бизнис, туризам и енергетика со фокус на обновливи извори на енергија.

Владата и покрај светската економско-енергетска криза и актуелните случувања во Украина и нивното влијание на глобално ниво, останува посветена на  постигнување економски раст со стапки над 5 % во наредните години, засновани на растот на инвестициите и потрошувачката.